Полицијата во Радовиш го приведе 49-годишниот А.У. откако бил затекнат како се движи во полна воена опрема, вооружен со пушка во рацете и со појас на кој имал пиштол, лисици и дрвена палка. Инцидентот се случил вчера околу 11:30 часот на улицата Шаин маале, а мажот се обидел да побегне откако бил повикан да се легитимира.
„Брзата реакција на полициските службеници спречи можно посериозно нарушување на јавниот ред и мир. Во моментот на приведување, лицето ги фрли сите предмети што ги носеше – но тие беа пронајдени и обезбедени“, информираат од СВР Струмица.
При претрес, полицијата одзела: пушка, ремен со кожна футрола, еден пар метални лисици, метална цевка, три куршуми за сигнален пиштол, метална рамка со капси, пиштол и други предмети.
А.У. е задржан во Полициската станица Радовиш, а за случајот е известено Основното јавно обвинителство. Против него ќе биде поднесена кривична пријава по целосно документирање на настанот.