Милијардерот Илон Маск подели чекови од 1 милион долари на двајца гласачи во Висконсин, откако Врховниот суд на државата одби да интервенира и да ја спречи неговата акција, пренесува АП.
Маск на почетокот на неделата најави дека ќе додели милионски награди пред утрешните избори за Врховниот суд во Висконсин, што може да го промени односот на силите во таа институција во корист на републиканците.
Спорно купување на поддршка
Демократскиот јавен обвинител од Висконсин Џош Каул се обиде да ја запре акцијата со тужба, тврдејќи дека Маск го прекршува законот кој забранува подароци во замена за гласови, пренесува Индекс.
На митингот во неделата вечерта, Маск рече: „Ние само сакаме судиите да бидат судии“, пред да им предаде чекови од 1 милион долари на две лица кои потпишаа петиција против „судиите-активисти“.
Каул тврдеше дека Маск се обидувал да купи гласови незаконски, но правниот тим на Маск одговорил дека Каул „го ограничува политичкиот говор на г-дин Маск и го прекршува правото на слобода на изразување од првиот амандман“. Оттаму додаваат дека наградите не биле наменети како поддршка за конкретни кандидати, туку како поттик за граѓаните да се вклучат во борбата против судиите кои „активистички го толкуваат законот“.
Откако два пониски судови пресудија во корист на Маск, Каул побара итна интервенција од Врховниот суд во Висконсин. Судот едногласно го одби тоа барање.