Манев сведочеше дека планот бил во дупката да се чуваат грабнатите додека не се наплатат пари

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Второобвинетиот за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, Велибор Манев денеска во судот рече дека Љупчо Палевски Палчо бил организатор на грабнувањето на Жежовски и дека го убил пукајќи му во слепоочница.

Манев денеска прво одговараше на прашања на неговиот бранител Горан Бошевски.

Тој рече дека се познавал со сите обвинети, освен со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Со Боре Видевски се познавал од основно школо. Со Љупчо Палевски се запознале во 2018 година преку Фејсбук.

– Му требаа набљудувачи за избори. Се одлучив да му пристапам и како член на Движењето Трета. Со Кешишев се знам 5 години, од канцеларијата во Опера хаус, на Трета, дојде како домаќин, како готвач, да ги одржува канцелариите, му готвеше на Палевски. И тој е овде затоа што му ја даде довербата на Палевски. Две години му готвеше и му служеше без никаква надокнада.

Манев потврди дека го познавал покојниот Панче Жежовски.

– Работев на негова куќа, пред 19 години. Тогаш ме измами, односно не ми плати за завршената работа. Бараше сечени, клесани камењада му се редат на влезот од куќата, што е меѓу најскапите материјали и варијанти на изведба во градежништвото. Ми остана должен, дома кажал дека се 500 евра, а беа 1.500 евра. Се спречкавме, се скаравме. Во лутината му извадив 12 квадрати од бекатон плочките што му ги редев. Тој повика полиција, направија записник, ме опоменаа дека не смеам така да постапувам. Дигнав раце од сето тоа и толку беше. Уште еднаш отидов кај него во фризерницата и му ги побарав парите што ми ги борчи, ме избрка и дојдов до степен да го тепам, ама не го сторив тоа, кренав раце и оставив на господ. Тоа беше сѐ од контактот со Панче – рече Манев.

Тој потврди дека тој ги однел полицајците од СВР Велес и СВР Скопје до земуницата во месноста Рудник во Велес.

– Кој ја ископа дупката? – праша адвокатот Бошевски.

– Јас, со Влатко Кешишев. Целта беше да се чуваат грабнатите лица и да се пуштат откако ќе се изврши наплатата. Планот беше Панче да биде грабнат и да е врзан со ланец за бетонски тег за ногата, за да не избега. Целта беше да се искористи неговото возило за грабнување на жена на 38-40-годишна возраст и откако ќе се грабне таа, Панче да се извади од земуницата. Да се пушти Панче да си замине со колата, а жената да биде чувана додека не се изврши наплатата – рече Манев.

- Advertisement -
Ad image

– Кога е копана земуницата? – праша адвокатот.

– Една година претходно – рече Манев.

– Со кого договаравте киднапирање на Панче? – праша адвокатот.

- Advertisement -
Ad image

– Баравме објект каде ќе бидат чувани грабнатите лица, но не најдовме. Едно попладне бев во партијата кај Шампионче и Палевски ми предложи да го оставам телефонот во канцеларијата и да се прошетаме. Кога излеговме, рече дека е тешко да се најде објект, туку да одредиме некое место кое ќе биде локација, земуница каде ќе може да ги чуваме грабнатите лица. Откако го најдовме местото заедно, тој реши таму да се направи земуницата. Земуницата се направи и еден период ги оставивме така нештата, самата да се замаскира. Одлуката за грабнување на Панче падна некаде околу месец и пол пред грабнувањето. Се бараше некоја кола, необележана, украдена, за да го извршиме грабнувањето нa жената. Не можевме да најдеме, па баравме некој сам пензионер. Ни дојде на ум борчот на Панче – рече Манев.

– Кој се приклучи во планот? –  праша адвокатот.

– Јас, Палевски и Кешишев, кој учествуваше во копањето. Ни фалеше уште еден човек. Боре беше нон-стоп со мене и му предложив да оди да разговара со Палчо за евентуално да се приклучи како четврто лице, член на групата – рече Манев.

– Дали се приклучи? – праша адвокатот.

– Да – рече Манев.

– Кога и како го грабнавте Жежовски? – праша адвокатот.

– На 23 ноември 2023 година. Тоа го имаше и на камерите кои се покажаа од кај мене. На 22 неомври дојдоа кај мене, отидоа Палчо и Влатко да проверат дали местото одговара, видоа и Палчо одлучи да го киднапираме Панче. Следната вечер, 23 утрото, дојдоа кај мене, пиевме кафе, и утрото околу 5.30- 6 часот, тргнавме накај куќата на Панче, да го земеме. Да напоменам дека снимките што ги гледавме, времето не се совпаѓа со ова што сега го кажувам. Отидовме кај куќата на Панче, јас боре и Палчо. Кешишев го зеде „кангуто“ и се спушти кај пругата да нѐ чека. Почекавме до кај 7.30-7.45 часот. Мислевме дека Панче сам ќе излезе, за да му се нафрлиме и да го однесеме, но не излезе од дома. Палчо преку моторолата рече да му се тропне на врата и во претсобјето да се врзе и да се земе. Јас не можев да му ѕвонам зашто ме познава. Заѕвони Боре, Панче отвори, го грабнаа, сите влеговме. Тој почна да вика, му ја затнавме устата, јас почнав да му ги врзувам рацете. Палчо влезе во куќата, го зеде телефонот на Панче и клучевите од неговото возило. Ја извади церадата од колата на Панче и ја донесе, ја бутна во претсобјето, отиде ја ја пали колата, а јас и Боре го ставивме Панче го гепек. Се симнавме каде што беше паркирано „кангуто“ со Кешишев. Додека се возевме, Палевски го фрлил телефонот на Панче во дол. Тргнавме кон земуницата, за да го спуштиме. Претходната вечер наполнивме две туби гориво, една бензин, една дизел – рече Манев.

– Со какви средства комунициравте за време на грабнувањето? – праша адвокатот.

– Со мотороли. Откако Панче утрото не излезе од дома, кога Палевски виде дека тој нема да излезе, ни рече преку моторола дека Боре ќе го турне во претсобјето и ќе го грабнеме – повтори Манев.

– Каде се упативте? – праша адвокатот.

– По патот кај „Романтик“, стасавме до земуницата. Стасавме со „цитроенот“, пред нас цело време возеше „реното“, во него беа Палчо и Кешишев. Го извадивме Панче, тргнавме да го спуштаме по скалите кон дупката. Беше на самиот отвор. Пикапот и Кешишев останаа 300 метри подолу. Кешишев остана да чека, а Палевски дојде со нас во „цитроенот“. Откако се наведнав да го одврзувам, Палевски влета наеднаш и испука куршум во слепоочницата на Панче. Јас останав, како да кажам, едноставно без зборови. Срипав од местото, излегов од шумичката која беше обраснала врз самата земуница, застанав, бев пред колабирање, се тресев. Потоа се созедов од тоа што го видов. Во меѓувреме го видов и Боре како излегува од самото место, а Палевски го видов како го превртува Панче во дупката сосе церадата. Палчо дојде до мене, јас го прашав „Зошто ова, не требаше вака“, тој ми рече „Вака е почисто, нема што да се секираш“. Јас му реков дека не сакам вака да продолжам, оти за вакво нешто не сум ни помислил, ни сонил. Тогаш за прв пат ме подбутна со раката и ми рече „Да не расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“ – рече Манев.

– Како планиравте да го обезбедите да не избега Панче? – праша адвокатот.

– Имаше бетонски тег во земуницата со алка, а јас носев синџир за да го врземе за нога – рече Манев.

– После убиството што направивте со земуницата? – праша адвокатот.

– Три дена стоеше отворена, а потоа Палевски се јави и рече да го затрупаме местото за да не мириса. Беше недела, јас и Боре отидовме и го затрупавме.

– Каде отидовте после убиството? – праша адвокатот.

– Ме натера пак да ја земам колата на Панче и да ја возам до Скопје. Се симнавме до кај пикапот и Палевски седна во пикапот, и тргна пред мене. Продолживме кон Скопје, преку Катланово, преку стариот пат. Не знам како извозев до Хиподром. Кај пругата некаде дојдов при себе и го видов пикапот пред мене и каде сум и што сум. Преку моторола Палевски ми кажа да го следам, тој скршна кон Кванташки пазар. Пред пругата запре, имаше паркинг, ми рече таму да го оставиме „цитроенот“ на Панче. Откако паркиравме, ме натовари во задниот дел на пикапот и ме однесе во канцеларија. Кога влеговме, Боре отиде во тоалет, Влатко отиде да прави кафе, останавме јас и Палевски и пак го прашав – зошто сето ова. Тој ми прос’ска „Прекини Вељо, ништо не разбираш, прекини да не се повторувам“. Најверојатно мислеше на тоа дека имам „убава фамилија“. Влатко и Боре дојдоа, го испивме кафето, станав да си одам со автобус, Палевски ме праша „Каде“, јас му реков „Ќе си одам во Велес“. Ми рече вечерва „Повторно да се видиме“. Јас не сакав да дојдам и му реков дека немам пари, дека со последните пари ќе купам карти за Велес и немам со што да дојдам. Ги зеде клучевите од пикапот, ни ги даде и рече со ова ќе одиш и вечер пак ќе дојдеш, има гориво во него – рече Манев.

Share This Article