Претседателот на Франција, Емануел Макрон, вчера изјави дека Русија нема право да одлучува дали во Украина ќе бидат распоредени мировни сили или не.
– Повеќе европски и неевропски држави изразија подготвеност да учествуваат во евентуалното испраќање миротворци – истакна Макрон.
Тој додаде дека војниците би можеле да бидат испратени на стратешки точки во Украина за да вршат обука и за да покажат долгорочна поддршка за Киев.
Москва се спротивставува на распоредувањето на мировници во Украина, но според Макрон, Русија нема право да одлучува за тоа.
– Ако Украина побара присутност на сојузничките сили на своја територија, Русија нема право да одлучува дали ќе ги прифати или ќе ги одбие – посочи Макрон.
Воени претставници на поголем број држави на 20 март во Лондон ќе разговараат за формирање на оперативни мировни сили.