Претседателот на Франција, Емануел Макрон, денеска во Тирана ги повика странските инвеститори да дојдат во Албанија, која, како што рече, ќе биде во Европската Унија „за две години“.
– Европа е стабилно и доверливо место. Во овој луд свет, да не ја потценуваме силата на таквите квалитети – рече Макрон на економскиот форум „Приоритет Европа“, кој го организираше институтот „Иницијатива за идни инвестиции“ на Ричард Атијас.
Целта на состанокот е да ги поврзе европските лидери и иноватори со суверените фондови и шефовите на компании од Блискиот Исток, Азија и САД.
Албанија е „влезна точка“ во регионот на Балканот и пошироко во медитеранскиот басен, смета францускиот претседател.
– И за две години, за што премиерот Еди Рама има јасен мандат, таа ќе се приклучи на ЕУ – рече Макрон.
Рама изјави дека преговорите на неговата земја за приклучување кон ЕУ почнале во 2022 година.
– Ако добро ги завршиме сите свои задачи, би можеле да ги заклучиме до 2027 година – рече Рама, додавајќи дека тоа „би било неверојатно“.