Македонија доби нова, но многу потешка шанса да се бори за место на Светското првенство во фудбал во 2026 година. Иако вчерашниот тежок пораз од Велс со 7:1 ги урна надежите за директен пласман или бараж преку квалификациската група, „црвено-жолтите“ сепак ќе добијат уште една можност, преку плејофот на Лигата на нации.
Тоа е истиот пат по кој тргнавме и пред претходниот Мундијал, кога Македонија ја шокираше Италија во Палермо и стигна до финалето за Катар, каде застана пред Португалија. Сега повторно сценариото е слично, но со уште потежок распоред и ривалите многу посилни.
Во Кардиф, нашата репрезентација се најде во нокдаун уште на стартот. Велс поведе со 2:0 за 20 минути, а Миовски со гол во 23. минута накратко ја разбуди надежта. Но домаќинот продолжи со силен притисок и со головите на Џонсон, Џејмс, Вилсон (двапати) и Броудхед ја потврди најтешката македонска квалификациска загуба во последната деценија.
И покрај поразот, Македонија останува меѓу 16-те европски селекции што ќе се борат за последните четири билети за СП 2026. Патот е екстремно тежок: полуфинале на гостински терен и можни противници од рангот на Италија, Данска, Турција или Украина.
Плејофот ќе биде составен од четири шешири. Македонија е во последниот, четвртиот, заедно со Романија, Шведска и Северна Ирска. Победниците од полуфиналните двојки ќе играат финале, а само четири репрезентации ќе добијат место на Мундијалот.
Ждрепката која ќе ја одреди нашата судбина ќе се одржи во четврток во Цирих во 13 часот.
И покрај тежината на задачата, репрезентацијата веќе еднаш покажа дека можат да се случат чуда. Македонија повторно е пред невозможна мисија, но и пред уште една историска шанса.



























