Љупчо Горгиевски, претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола е осуден на една година условна казна затвор. За него има услов од две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.
Веста за одлуката на Основниот суд Битола, ја објави лично Горгиевски на Фејсбук страната на културниот клуб „Иван Михајлов“ Битола и пишува дека не можат да го гонат за „совеста“. За ваква пресуда со условна осуда поддржувачите на Горгиевски се надеваа уште по завршните зборови во неформален разговор со новинарите.
Според она што го објави Горгиевски, одлуката е донесена вчера и како што наведува – „Судот во Република Северна Македонија ми осуди казна од 1 година затвор, условна, со 2 години условна казна. Оваа реченица нема законски товар за мене – има симболична вредност. Ова е политичка порака насочена не против моето лично име, туку против бугарската самосвест во Македонија.“
На 21 мај, во Основниот суд во Битола заврши двегодишниот судски процес против битолчанецот Љупчо Горгиевски, претседател на згаснатиот бугарски клуб во Битола. Судењето го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, или народски кажано за величење на ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО (организација која постоеше од 1919 до 1934 година) – Иван Михајлов, како историска личност.
Обвинетиот Љупчо Горгиевски во текот на судењето кажа дека е Бугарин, со два пасоша, македонски и бугарски, и досега не е осудуван; семеен човек. Тој рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари. Пред завршните зборува како сведок, во полза на обвинетиот сведочеше екс-премиерот Љупчо Георгиевски со поддршка на „ванчомихајловизмот“.
Во пресрет на пресудата на Основниот суд во Битола, Mинистерството за надворешни работи на Бугарија објави соопштение до јавноста во кое порача дека овој случај за Бугарија е пресвртница за рамноправноста на Бугарите во Македонија и предупреди дека очекува фер пресуда.