Белорускиот лидер Александар Лукашенко жестоко го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека го кочи мировниот процес во Украина, а не САД, Русија или Европската унија. Лукашенко, познат по своите контроверзни изјави, овојпат упати директна порака дека времето за преговори истекува, додека Русија напредува на фронтот.
Според белорускиот претседател, западните лидери не се пречката за мирот.
– Знаете, долго време ги обвинував Европјаните дека не се во состојба да постигнат договор. Но денес, гледаме дека проблемот не е во нив, ниту во Американците, ниту во Русија. Проблемот е во Володимир Александрович Зеленски – изјави Лукашенко за руската телевизија „Русија 1“.
Тој отиде чекор понатаму и повика на „словенско решение“ за украинската трагедија.
– Би сакал Зеленски да ги слушне моите предлози и да разбере дека никој нема да му донесе среќа на украинската земја, освен словенските држави. Затоа мораме да седнеме и да се договориме – нагласи Лукашенко.
Понатаму, белорускиот лидер предупреди дека некои „луди соседи од запад“ веќе гледаат дел од Украина како свој плен. – Гледате што прават тие држави на запад од Украина. Некои сили веќе се подготвени да земат дел од територијата. Таму владее вистински хаос – рече Лукашенко.
Од друга страна, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оцени дека европските земји и Украина „покажуваат апсолутна незаинтересираност за преговори“, што ја зголемува тензијата околу украинското прашање.
Русија и понатаму вели дека е подготвена за мирно решение во Украина, а Трамп постојано зборува за потребата да се седне на преговарачка маса – истакна Песков.
Тој додаде дека можното испраќање американски ракети „Томахавк“ во Украина предизвикува сериозна загриженост.
– Тоа е оружје со исклучителна моќ, но нема да ја промени ситуацијата на фронтот. Русија внимателно ги следи сите изјави за можноста за нивна испорака на Киев – потенцира Песков.
Се чини дека Лукашенко со оваа изјава се обидува да ја зацврсти својата позиција како „словенски медијатор“, иако многумина во Киев неговата улога ја гледаат како продолжена рака на Кремљ.