Зетот на американскиот претседател и неговиот пратеник биле клучни во „муабетот“ за планот од 20 точки за Газа, пишува „Њузвик“. Џеред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф ја намалиле острината на формулациите за палестинска држава, а истовремено сочувале дел од палестинските приоритети, за израелскиот премиер да каже „да“ на примирјето.
Според статијата, суштината на нивниот потпис се гледа во две отстапки кои биле протолкувани како „мали, но доволни“ од двете страни, Израел и Хамас.
Прво, се вели во статијата, за државноста на Палестина бил користен поскромен јазик наместо недвосмислен повик за „две држави“. Планот вели дека по прекинот на огнот „може да се создадат услови за кредибилен пат кон самоопределување и државност“. Тоа ја одблокирало израелската страна, велат изворите на Њузвик.
Второ, Кушнер и Виткоф туркале гаранции во дека „никој нема да биде присилен да ја напушти Газа“, сигнал кон арапските посредници дека нема трајно преселување. Ова е формулирано во самиот договор.
Но, тежината на судбоносното „да“ на Нетанјаху дошла и од темпото на повлекување кое го предвидува договорот. Имено, планот ја отвора фазата 1 – прекин на огнот, ослободување на сите преостанати заложници и почетно повлекување на израелски сили во дел од енклавата, со кратки рокови за размена на заробеници.
Токму таа архитектура, „стоп за огнот за 72 часа, па масовни размени и постепено повлекување“, претходно ги скицирале и ги туркале Кушнер и Виткоф, кои како медијатори посредувале и во Шарм ел Шеик.
Понатаму, разликата што ја направиле двајцата „њујоршки инвеститори“, како што ги опишува „Њузвик“, не била само во текстот, туку и во начинот на претставување. Од една страна, тие му понудиле на Нетанјаху јасен пат како да го продаде примирјето дома, со „поеластична“ формула за државност. Од друга, кон арапските гаранти пуштиле сигнали дека планот нема да предизвика ново раселување, што ја смирило нервозата во Каиро и во Ријад.
Сепак, големата слика не е целосно розова, коментира Ројтерс. Агенцијата забележува дека најтешките теми, демилитаризација на Хамас, поствоеното управување со Газа и комплетниот политички расплет, остануваат „за после“. Тоа значи дека улогата на Кушнер и Виткоф штотуку почнува: тие ќе мора да ја претворат оваа „декларација на намера“ во траен распоред на безбедност и власт.
Уште повеќе, политичкиот кредит за динамиката оди и кај шефот на САД, Доналд Трамп, кој, според повеќе извори и сведочења, директно притискал.
– На крајот, оваа зделка не можеше да се случи без Доналд Трамп и без неговиот притисок врз Нетанјаху – истакна Мајкл Хана од Интернешнал Кризис Груп, цитиран од Њузвик.
Од друга страна, и јавните сигнали од сојузници го потврдуваат триото Трамп–Кушнер–Виткоф.
Австралиската министерка за надворешни работи Пенелоп Вонг издвои „критична“ улога на Трамп во убедувањето на Нетанјаху, додека израелски официјални канали во пренос во живо му се заблагодарија експлицитно на тимот „Стив Виткоф, Џеред Кушнер“.
Според написот, дури и критичари на Хамас во арапскиот свет дале „пропусница“ за договорот, затоа што планот ветува запирање на убивањето и пуштање хуманитарна помош, иако, како што пишува „Њузвик“, остава „дупки“ и без механизам за присила.
– Сега тоа е изјава за намера, со нејасни термини – кажал Џејмс Зогби за „Њузвик“.
Спротивно на ова, аналитички извештаи на АП и на Ројтерс подвлекуваат дека првата фаза е реална и испланирана, од моментот на стапување на прекинот на огнот, преку логистиката за заложниците и затворениците, до најавеното патување на Трамп во регионот.
Тоа ја засилува тезата дека „критичниот муабет“ на Кушнер и Виткоф не бил протокол, туку клуч што ја отвора вратата.
Сепак, според „Вашингтон пост“, политиката на моќите функционирала само кога Трамп одлучил да слуша, да делегира и да гради коалиција . Токму таму, велат, се вклопуваат Виткоф и Кушнер: оперативци што ја претвораат претседателската волја во изведлив текст и роковник.
„Лидерот успеа кога ја делеше сцената со другите“, се заклучува во анализата.
Што следува? Ако првата фаза протече без колапс, Кушнер и Виткоф ќе треба да испорачаат уште потешко: рамка за управување со Газа без Хамас, гаранции за безбедност за Израел и јасен, прифатлив пат кон политички статус на Палестинците.