Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, ни дава лекција за бизнис ризикот: “Колку поголем ризик, толку поголем профит. Просто како грав.”
Навистина, просто како грав. Особено кога целиот твој живот не си ризикувал ништо свое.
Проблемот не е во самата изјава – економската теорија за корелација меѓу ризик и профит е позната уште од учебниците за бизнис 101. Проблемот е во човекот што ја изговара. Кога некој чиј професионален пат почнува како претседател на младината на СФРЈ, продолжува низ партиски структури и државни функции, и завршува на чело на Стопанската комора – сè тоа финансирано со јавни пари – зборува за “бизнис ризик”, тоа не е мудрост, туку иронија.
Азески никогаш не стоел пред дилемата дали да ги потроши последните пари за плата на вработените или за сопствената егзистенција. Никогаш не чекал месеци наплата од клиент додека банката му се заканува со извршување. Никогаш не легнувал со стомачна јазва прашувајќи се дали утре ќе може да ги отвори вратите на фирмата.
Неговиот “ризик” беше максимум да не биде реизбран на следната функција – со обезбедена пензија и врски кои секогаш водат до следната државна или јавна позиција. Благодарение на татко високо во УДБА/СДСБ, благодарение на семејната историја со Трајче Дрварчето, благодарение на системот што ги награди своите – ризикот за луѓе како Азески навистина е “прост како грав”.
За вистинските претприемачи што ги хипотекираат домовите за да ја стартуваат фирмата, што не спијат ноќе бидејќи не знаат како ќе ја исплатат следната плата, што губат сè кога пазарот се сврти – за нив ризикот не е прост. Тој е болен, страшен, понекогаш фатален.
Затоа, следниот пат кога ќе слушнеме совет за бизнис од професионален политичар и државен функционер, да се сетиме: лесно е да објаснуваш како се готви кога никогаш не си влегол во вистинската кујна.
Мудростите за ризикот нека ги слушаме од оние што навистина нешто ризикувале. Сè останато е – само изговор на неуспешноста, пакуван во празна реторика.
Сашо Денесовски




























