Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, со загриженост зборува за згуснатиот календар и влијанието на Светското клупско првенство врз неговиот тим. Според него, играчите се веќе исцрпени, а ситуацијата би можела да се влоши пред стартот на новата сезона во Премиер лигата.
Сити ја заврши домашната сезона на 25 мај, а новиот натпреварувачки предизвик го почна само три недели подоцна – на 18 јуни во САД. Ако тимот стигне до финалето на 13 јули, ќе имаат само еден месец подготовка пред почетокот на Премиер лигата на 16 август.
– Можам да кажам, слушајте, ние сме катастрофа. Исцрпени сме. Светското клупско првенство нè уништи. Не знам, ова се случува првпат во нашите животи. Ќе видиме – изјави Гвардиола, коментирајќи ја ситуацијата.
Тој се осврна и на ставовите на Јирген Клоп, кој ја критикуваше одлуката за проширување на турнирот на 32 екипи и неговото одржување секои четири години во предсезонскиот период.
– Јирген, се расправавме многу пати… особено кога одевме на состаноци на УЕФА или кога дискутиравме за календарот на Премиер лигата, за тоа како да додадеме поголем квалитет со тоа што ќе им дадеме повеќе одмор на менаџерите и играчите. Затоа неговите коментари не ме изненадија многу… Ги разбирам неговите аргументи затоа што размислувам на ист начин – заклучи Гвардиола.
Граѓаните вечерва играат против Ал-Хилал во Орландо, во осминафиналето од Светското клупско првенство.