Бананите се сè повеќе загрозени од климатските промени, а производителите тврдат дека екстремните временски услови им ги „убиваат“ посевите, се вели во извештај.
Анализата на меѓународната организација за развојна помош „Кристијан Еид“ покажува дека растечките температури и штетниците поврзани со климата ги ставаат плантажите со банани во опасност.
Во извештајот се наведува дека речиси две третини од најсоодветните области за одгледување банани во Латинска Америка и Карибите – регион одговорен за околу 80 проценти од светскиот извоз на банани – би можеле да бидат изгубени до 2080 година поради климатските влијанија.
Бананите напредуваат на температури помеѓу 15 и 35 степени Целзиусови, но се исто така многу чувствителни на недостаток на вода, што значи дека сè поекстремните временски услови негативно влијаат врз способноста на растението да преживее.
Болести како што е Fusarium tropical race 4, исто така, се појавија како растечка закана во последниве години, предизвикувајќи губење на цели фарми низ Латинска Америка.
„Кристијан Еид“ цитираше земјоделци од регионот кои велат дека нивните фарми „умираат“, што директно влијае на нивните приходи.
Во светлината на овие наоди, организацијата ги повикува развиените земји итно да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид за да ги запрат растечките влијанија од климатските промени.
Исто така, се повикува на меѓународно финансирање за климатските промени за да се поддржат одгледувачите на банани и земјоделските заедници во прилагодувањето кон климатските промени.