Украинските власти денеска ја критикуваа понудата на рускиот претседател Владимир Путин да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, предупредувајќи дека Европа е во опасност да биде исфрлена настрана.
Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак вели дека Путин се обидува да ја промовира идејата за билатерални преговори со САД за војната што ја почна Русија.
„Путин се обидува да ја протурка идејата за преговори со САД. Но, тој има еден услов: тој сака да одлучува за судбината на Европа – без Европа. И тој се обидува да зборува за Украина – без Украина. Тоа нема да се случи“, напиша Јермак на Икс
Рускиот претседател Путин претходно денеска јасно стави до знаење дека е заинтересиран за преговори со Трамп за ставање крај на војната во Украина.
– Веројатно е подобро да се сретнеме и, врз основа на денешната реалност, мирно да разговараме за сите области кои се од интерес и за САД и за Русија. Ние сме подготвени за тоа – изјави Путин за руската државна телевизија.
Говорејќи пред новинарите само неколку часа по неговата инаугурација во понеделникот, американскиот претседател Трамп рече дека е желен да разговара со Путин. Во средата тој ѝ се закани на Русија со „даноци, царини и санкции“ доколку војната не заврши наскоро.