Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека е подготвен да разговара со венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но не ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Венецуела.
– Во одреден период ќе разговарам со него – изјави Трамп во Овалната соба.
На прашањето дали би ја исклучил воената опција, тој децидно рече дека „не исклучува ништо“. Потоа додаде дека мора „да се погрижат за Венецуела“, обвинувајќи ја владата во Каракас дека испраќа „стотици илјади луѓе од затвор во САД“.
Неколку часа подоцна, венецуелскиот лидер одговори во својата неделна телевизиска емисија дека е подготвен за „директен разговор, лице в лице“.
– Оваа земја ќе продолжи да живее во мир. Во САД, секој кој сака да разговара со Венецуела ќе разговара директно, без никакви проблеми – истакна Мадуро.
Администрацијата на Трамп веќе неколку месеци го засилува военото присуство во Карибите со образложение дека се бори против трговијата со дрога, поврзувајќи ја со латиноамерикански земји, меѓу кои и Венецуела.
Од септември, американските сили извршиле воздушни напади врз бродови кои наводно превезувале дрога, при што биле убиени најмалку 83 лица, објави АФП. Но, Вашингтон досега не презентирал докази дека жртвите биле трговци со дрога.
САД дополнително го обвинија Мадуро дека раководи со „терористички нарко картел“, што венецуелскиот претседател го негира. Од друга страна, Мадуро постојано тврди дека зголемувањето на американската војска во Карибите има за цел да го собори од власт.
Додека САД ја започнаа воената вежба „Јужно Копје“ на Карибите, на другата страна на готовс се 200.000 венецуелски војници.




























