Јапонската влада презентираше пакет итни економски мерки за справување со негативните ефекти од новите американски царини.
Пакетот за олеснување се состои од пет столба, вклучувајќи поддршка за корпоративно финансирање и чекори за стимулирање на потрошувачката.
Владата вети дека ќе ги намали цените на бензинот и дизелот за 10 јени по литар, ќе обезбеди субвенции за сметките за енергија и ќе размисли за проширување на опсегот на кредити со ниска камата за помалите компании од следниот месец, објави „Кјодо“.
Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба им наложи на функционерите да вложат максимални напори за ублажување на влијанието на повисоките американски царини.
-Американските царини би можеле „значително да им наштетат на домашните индустрии кои се основа на нашата нација, како што се автомобилите и челикот“ – рече Ишиба, нагласувајќи ја потребата Токио и Вашингтон да соработуваат за взаемна корист.
Јапонскиот министер за економска ревитализација, Рјосеи Аказава, близок помошник на Ишиба, планира наскоро повторно да ги посети САД за да разговара со американскиот секретар за финансии, Скот Бесант, главниот човек за преговори со Јапонија.
За време на претходните разговори кои се одржаа овој месец во САД, Аказава, побара преиспитување на царините за автомобили и челик, но американската страна одговори дека „не може да даде посебен третман само на Јапонија“.