Израелската војска нема да го заврши повлекувањето од јужен Либан до крајниот рок во понеделник, соопшти во петокот кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, додавајќи дека Либан целосно не го применил договорот за прекин на огнот.
Договорот, постигнат со посредство на САД и Франција, стави крај на повеќе од една година непријателства меѓу Израел и Хезболах поддржан од Иран. Борбите кулминираа со големата израелска офанзива во која беа раселени повеќе од 1,2 милиони луѓе во Либан и сериозно ослабена Хезболах.
Според договорот, кој стапи на сила на 27 ноември, оружјето и борците на Хезболах мора да се повлечат од областа јужно од реката Литани, а израелските трупи треба да се повлечат додека либанската армија се распоредува во регионот, а сето тоа во рок од 60 дена треба да заврши во Понеделник во 04:00 часот (02:00 GMT).
Во соопштението од канцеларијата на Нетанјаху се вели дека процесот на повлекување на израелската војска „зависи од распоредувањето на либанската армија во јужен Либан и целосното и ефективно спроведување на договорот, додека Хезболах се повлекува зад Литаните“.
„Бидејќи либанската држава сè уште целосно го нема спроведено договорот за прекин на огнот, процесот на постепено повлекување ќе продолжи, во целосна координација со Соединетите држави“, се вели во соопштението.
Засега нема коментар од Либан или Хезболах.