Вториот ден од преговорите за завршување на војната меѓу Израел и Хамас, што се одржуваат во египетското летувалиште Шарм ел Шејк, заврши без конкретен напредок. Како што изјави неименуван египетски претставник, делегациите на двете страни остануваат закопани во своите ставови, без знаци на компромис.
– Ситуацијата е непроменета во споредба со првиот ден. И израелската и делегацијата на Хамас цврсто се држат до своите позиции – изјави египетскиот извор за медиумите.
Преговорите се одвиваат во присуство на претставници од Катар, со посредство на Египет. И покрај тоа што Израел и Хамас го поддржаа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на борбите, ослободување заложници и испраќање хуманитарна помош во Појасот Газа, неколку клучни прашања сè уште ги делат страните.
Хамас бара гаранции дека Израел нема да продолжи со воените операции по ослободувањето на заложниците, инсистирајќи на целосен прекин на војната пред каква било размена.
– Без цврсти гаранции, секоја размена е ризик – тврди извор близок до палестинската делегација.
Од друга страна, израелската делегација, според египетскиот претставник, досега одбива да разговара за запирање на војната пред да се заврши процесот на размена.
Ситуацијата дополнително се комплицира бидејќи Хамас побара појаснување на механизмите и процедурите за спроведување на мировниот план на Трамп, барајќи гаранции дека Израел нема повторно да ја нападне палестинската енклава.
Утре, на разговорите ќе присуствува и американска делегација, предводена од специјалниот пратеник на американскиот претседател за Блискиот Исток и Украина, Стив Виткоф. Посредниците се надеваат дека учеството на САД ќе помогне да се изврши притисок врз Израел за поголема флексибилност, особено околу прашањето за гаранции дека војната нема да продолжи по ослободувањето на заложниците.
На преговорите во Шарм ел Шејк ќе присуствува и премиерот на Катар, шеик Мохамед бин Абдулрахман ал Тани, како и турска делегација предводена од директорот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Ибрахим Калин.
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој е иницијатор на мировниот план, изјави дека е оптимист за исходот од разговорите.
– Мислам дека е можно да имаме мир на Блискиот Исток, не само во Газа – рече Трамп на брифинг со новинарите.