Иран тврди дека развил варијанта на ракетата „Кејбар Шекан“, наречена „Фата“, која може да лета со хиперсонични (небалистички) траектории низ атмосферата, што би го отежнало пресретнувањето, пишува БрејкингДефенс.
Исто така иранската новинска агенција Фарс утрово тврдеше дека Израел бил погоден од „водената балистичка ракета Хаџ Касем“, која Иран ја претстави во мај. Хаџ Касем е иранска ракета на наведување со долг дострел (1.400 км), лансирана од подморници и бродови, именувана по убиениот генерал Касем Сулејмани, симболично оружје со стратешка и симболична функција.
Тврдењата се непотврдени. Израелските сили демантираат дека биле погодени со ракети на наведување.
Иранската армија на својот официјален профил на социјалната мрежа Икс објави снимки од проектилите за кои тврди дека се хиперсонични и употребени во ноќниот напад на Иран врз Израел во понеделник, 16 јуни. Според објава на Ал Џезира и на Army Technology, Иран за првпат ги претставил проектилите Фата уште во јуни 2023 година.
Според информациите, Фата има дострел од 1.400 километри и лета со брзина од повеќе од 15.000 километри на час, односно повеќе од 13 Маха. Тој може да биде наведен, односно да маневрира во сите фази на летот, што го прави тежок за пресретнување. Лета на цврсто гориво и е наменет против израелскиот противракетен систем Железна купола.
Израел, од друга страна, ги демантираше тврдењата дека Иран употребил вакви маневрирачки ракети во нападот, пишува ТајмсОфИзраел. Израелските одбранбени сили соопштија дека ракетите лансирани од Иран во последните два дена се слични на оние испукани кон Израел во април и октомври 2024 година.
Какви ракети користеше Иран за големиот напад со 110 балистички ракети во 2024 година, наречен „True Promise“(во превод Вистинско ветување)? Нападот беше одмазда за претходен напад на Израел. БрејкингДефенс пишува дека се работи за ракети со краток дострел до 1.000 километри од типот СБРМС кои се базирани на советски ракети и кои користат течно гориво.
Во споредба со руските ракети „Циркон“ од сличен тип, руските „циркони“ оперираат на море, односно се истрелуваат од подморници и имаат пократок достре, до 1.000 км. Руските „Авангард“ и „Кинжал“ се балистички или лансирани од авиони и имаат интерконтинентален дострел.
Не е познато која е ефикасноста на „Фата“.