Италијанските медиуми, повикувајќи се на Гардијан, објавија дека Иванка Трамп и Џаред Кушнер, ќерката и зетот на американски претседател Доналд Трамп, го купиле островот Сазан во Албанија за околу 1,4 милијарди евра, пренесува „euronews.al“.
Минатиот месец, парот престојувал во Албанија и го искористил времето за неколкудневен одмор на албанското крајбрежје.
Островот Сазан, кој е дел од Националниот морски парк Карабурун – Сазан, се смета за природен бисер со богато историјско минато. Поранешна воена база, островот сè уште носи остатоци од комунистичкиот режим, како бункери и тунели, а дел од него останува воена зона.
Планот на Иванка и Џаред е да го претворат Сазан во луксузно одморалиште, што предизвика загриженост кај еколошки и научни организации поради потенцијалното влијание врз природната и културната средина на регионот.
Според извештаите, преговорите за купување се воделе без широката јавност и без знаење на албанските пратеници, а главниот предизвик во проектот ќе биде расчистување на островот од неексплодирани мини и воен отпад.
Албанската јавност веќе го нарекува Сазан – „Остров Трамп“, поради големото влијание на семејството во развојот на оваа инвестиција.
Во подкаст, претседателот Доналд Трамп изрази голем ентузијазам за проектот, истакнувајќи дека најголемиот предизвик е обезбедувањето на безбедноста и чистењето на островот пред да биде отворен за посетители.
Покрај проектот на островот Сазан, групата „Афинити“ која го водела овој бизнис-преговор, има планови за слични проекти и во Србија.