Во првиот квартал јавниот долг бележи намалување од 4,7 п.п. во споредба со нивото од крајот на 2024 година и изнесува 57,7% од БДП или намалување за 36 милиони евра во апсолутен износ. Намален е и државниот долг, соопшти Министерството за финансии.
Согласно објавените податоци јавниот долг во апсолутен износ во првиот квартал изнесувал 9,584 милијарди евра додека, пак, државниот долг изнесувал 8,328 милијарди евра.
– Ваквите податоци се директна потврда за политиките што ги спроведуваме и траекторијата по која се движиме. Јавниот долг од 62,4% од БДП на крајот на 2024 година се спушти на 57,7% што е резултат на мерките што ги преземаме за фискална консолидација , мерките за намалување на непродуктивните трошења, како и напорите за подигнување на економската активност – вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, остварлива е целта на понизок буџетски дефицит од 3% и јавен долг под 60% од БДП, но тоа, како што вели, бара многу посветеност и напор на секое ниво и на страната на прибирање на приходите, како и на расходната страна.
– Она што е многу важно што го работи оваа Влада е посветеноста на реализација на инвестициите кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст, а тоа на долг рок ќе донесе намалување на нивото на долгот – вели Димитриеска-Кочоска.
Министерството за финансии го објави и нивото на државниот долг во првиот квартал од 2025 година кој изнесува 50,1% од БДП и бележи намалување од 3,7 п.п. во однос на нивото на државниот долг објавен на 31 декември 2024 година.
Во првиот квартал е исплатена Еврообврзница во износ од 500 милиони евра. Дополнително во овој квартал е извршена вкупна исплата на обврски по основ на главнина за надворешен јавен долг во износ од 679,4 милиони евра, вклучително и еврообврзницата.
Министерството за финансии согласно утврдената динамика, нивото на јавен долг го објавува на квартално ниво, додека нивото на државен долг се објавува на месечно ниво.
(Државен долг е збир на финансиски обврски создадени со задолжување на Македонија, јавните установи основани државата и општините, не вклучувајќи го долгот на јавните претпријатија и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата, општините, и на Народната банка.
Јавен долг е збир на државниот долг и долгот на јавните претпријатија основани од државата или од општините, општините во градот Скопје и градот Скопје, како и трговските друштва кои се во целосна или во доминантна сопственост на државата или на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје за кои државата има издадено државна гаранција).