Како што предупредуваат група врвни економисти, големината на британските долгови, во комбинација со високата инфлација и даноци, значи дека земјата повеќе не може да ја зема здраво за готово својата финансиска стабилност, објави британски „Телеграф“.
Според весникот, Британија одамна тргна по погрешен пат. Маргарет Тачер се спротивставила на задавувачкиот консензус по Втората светска војна и на тој начин поставила основа за долг период на силен раст, и покрај бескрајните обиди на нејзините внатрепартиски противници да ја поткопаат. Но, вистинскиот распад започнал во 1997 година, кога Лабуристите дошле на власт, а наредните 28 години се одликувале со бавно, но сигурно поткопување на конкурентноста и на темелите на некогашната динамична пазарна економија, се вели во анализата на весникот.
Социјалната помош повеќе личи на прототип за универзален основен приход
Системот за социјална помош сè повеќе личи на прототип на универзален основен приход отколку на механизам за поддршка на најзагрозените. Сметките за социјални давачки за лица во работоспособна возраст надминаа 123 милијарди фунти годишно, при што еден од 10 луѓе прима директна парична помош од државата, според „Телеграф“.
Весникот коментира дека британскиот јавен сектор се соочува со сериозни проблеми. Националниот здравствен систем денеска има огромни финансиски побарувања без соодветни резултати, а продуктивноста се вратила на нивото од пред повеќе од една деценија.
Даночниот товар расте
Дополнително, даночниот товар постојано расте – најбогатите 10% граѓани плаќаат околу 60% од вкупниот данок на доход, што според анализите создава систем кој обесхрабрува работа, инвестиции и наследување. Тоа резултира со најниска стапка на капитални инвестиции меѓу земјите на Г7, коментира „Телеграф“.
Весникот наведува дека и планскиот систем го ограничува развојот, со години не се изградени нови резервоари или автопати, а бирократските процедури ја кочат изградбата на домови и на фабрики. Дополнителни слабости се гледаат во миграциските политики и во монетарното управување, кое не успеало да ја запре инфлацијата.
Анализата предупредува дека е потребна сериозна економска реформа – намалување на јавните трошоци, дерегулација, реформа на даночниот систем и поефикасно финансирање на здравството – со цел Британија да избегне сценарио слично на Аргентина која од некогаш богатa земја западна во хронична економска криза, тврди весникот.
Гардијан: Економската состојба на Велика Британија не може да се одржи на долг план
Економската состојба на Велика Британија е долгорочно неодржлива, предупредува британската Канцеларија за буџетска одговорност (ОБР), објави британски Гардијан.
Ако сегашната фискална политика остане непроменета, државниот долг може да се искачи на 270 % од БДП до 2070 година, значително од денешните состојби под 100 %. Во споредба со 36 развиени економии, Британија моментално има шести најголем долг, петти најголем дефицит и трети највисоки трошоци за задолжување
Главните ризици доаѓаат од 3 клучни извори: растечките трошоци за државните пензии, клучните трошоци поврзани со климатските промени и зголеменото задолжување, според податоците на ОБР.