Хвар беше домаќин на најголемиот светски натпревар во трки со пречки

Lorita
By Lorita
5 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Иако повеќето луѓе веќе ги потиснаа во заборав летните јулски и августовски гужви и летувања – тоа не важи за најсончевиот хрватски остров, Хвар, на кој и понатаму владее невидена живост. Можеби тоа не се однесува на целиот остров, но улиците на градот Хвар викендов (од 10 до 12. октомври) беа буквално преполни и владееше метеж како во најжешкиот дел од сезоната. Сето тоа благодарение на Spartan 2025, второто издание на светското првенство чиј домаќин е токму овој град. Spartan World Championship обединува елитни спортисти, ентузијасти и рекреативци во единствен предизвик кој ја тестира издржливоста, силата, снаодливоста и тимскиот дух.

Фото: Плусинфо

Најголемото глобално натпреварување од овој вид

Сите хотелски капацитети за време на викендот беа целосно пополнети, а на Хвар пристигнаа натпреварувачи од сите меридијани за да ја тестираат својата ментална и физичка издржливост во трки со препреки. Главниот хварски плоштад – Свети Стјепан – беше буквално преполн со луѓе, исто како и околните патеки покрај брегот и во внатрешноста на островот, каде што беа поставени тркачките маршути.

Организаторите гордо објавија дека се срушени сите рекорди – учествуваа повеќе од 4200 натпреварувачи во сите возрасни категории, од 60 земји, меѓу кои, Канада, САД, Кина, Унгарија, Италија, Србија, Словенија и многу други. За жал, немаше натпреварувачи од Македонија.

Во сабота, 11 октомври, се одржа големото финале на Светското првенство во трка на 100 метри со пречки, дисциплина која е вклучена во програмата на Олимписките игри во 2028 година, и легендарната трка „Ѕвер“ (21 км со 30 пречки). Во недела, 12 октомври, се одржа Светското првенство во спринт (5 км со 20 пречки) и Супер трката (10 км со 25 пречки). Вкупниот награден фонд беше 100.000 евра.

 

Фото: Плусинфо

Најмалата екипа на светот, најмладата шампионка

Еден од куриозитетите на овој спектакуларен настан беше екипата на најмалата земја во светот – Ватикан, која беше составена од еден член, 28-годишната Бенедета Франкини која се натпреваруваше во „спринтот“, трка од пет километри со 20 пречки.

Друг куриозитет беше и неверојатната 13-годишна Американка Елизабет Полсгроув, која ја освои титулата светски шампион на 100 метри со пречки.

Фото: Плусинфо

Елизабет или „Lightning Liz“, како што е нејзиниот прекар, ги победи на Хвар натпреварувачите кои се повеќе од двојно постари од неа.

- Advertisement -
Ad image

Досега, нејзиното име не значеше многу, но наскоро таа и некои од другите натпреварувачи сигурно ќе станат познати, бидејќи OCR (Obstacle Course Racing – трка со препреки), од 2028 година во Лос Анџелес ќе биде официјален олимписки спорт. Сепак, нема да биде самостојна дисциплина, туку дел од модерниот петобој, каде што ќе го замени јавањето коњи.

Различни дисциплини и должини на патеки

- Advertisement -
Ad image

Инаку, почетоците на модерниот OCR датираат од 1987 година и натпреварот Tough Guy, чиј основач е Американецот Џо Де Сена. Оттогаш, овој спорт станал толку популарен што ширум светот годишно се одржуваат повеќе од 2.500 вакви натпревари.

Колку Хвар е привилегиран, говори и фактот дека ова натпреварување, како и минатогодишното, е официјално светско првенство – во дисциплините на 100 метри и на 5 километри. Подолгите и тешки делници од 10 и 21 километар, познати како Sprint и Beast (Ѕвер), му даваат дополнителна привлечност на целиот настан. Натпреварувачите се натпреваруваа во повеќе различни категории и должини на патеки, во совршено природно опкружување – меѓу недопрената природа и историските локалитети на островот.

Тие мораа да совладаат најразлични замки – искачување преку ѕидови и јаже, преминување преку греди, носење тешки предмети угоре, минување преку вода, лазење под бодликава жица, скокање низ оган…


И конечно, деновиве Хвар не беше само спортска сцена, туку и средиште на глобалната Spartan заедница – место каде што се среќаваат различни култури, јазици и животни приказни, обединети во заедничка страст кон предизвикот и надминувањето на личните граници.

Share This Article