Хрватска гради складиште за нуклеарен отпад на местото на касарната на ЈНА Черкезовац на Трговска Гора каде што треба да се изгради нова зграда со големина на фудбалско игралиште, на површина од 6.000 квадратни метри, објавија хрватските медиуми.
Обврската за отстранување на нуклеарниот отпад Хрватска ја доби од Европската унија и веќе доцни со изградба на Центарот за отстранување на ваков отпад.
Хрватска има обврска да го отстрани радиоактивниот отпад и искористените извори на јонизирачко зрачење што се создадоа на нејзина територија со употреба на извори на јонизирачко зрачење во медицината, индустријата, науката, војската и јавната употреба. Исто така, мора да отстрани половина од ниско и средно радиоактивниот отпад од нуклеарната централа Кршко, во согласност со обврските преземени со договорот меѓу хрватската и словенечката влада.
Фондот за финансирање на декомисионирањето на нуклеарната централа информира дека веќе се срушени зградите на поранешната касарна, а подготовка на теренот ќе трае до следната пролет и вклучуваат ископ на почвата, подготовка и израмнување на работното плато и отстранување на ископаниот материјал, заедно со конечно одржување на патната инфраструктура во рамките на самото место.
Јавната расправа за Закон за изградба на Центар за отстранување на радиоактивен отпад е завршена, а предлогот е доставен во собраниска процедура.
Локалното население е против тоа, но градежниците и багерите ја завршија својата работа за оваа година.
Черкезовац е на територијата на општина Двор и зафаќа површина од приближно 60 хектари. Станува збор за најисточниот дел од масивот Трговска Гора, недалеку од долината на реката Уна и државната граница со Босна и Херцеговина.
Областа е изолирана, а експертите истакнуваат дека не е случајно избрана локација, бидејќи 10 години се истражуваат различни можни локации низ Хрватска.
– Избрана е затоа што има најмала веројатност за земјотреси на целата територија на Хрватска, најоддалечена е од кој било геолошки расед, има гранитни планини и нема подземна вода, а е и далеку од населени места. Има и добар пристапен пат – изјави нуклеарниот физичар Тончи Тадиќ за Нови Лист.
Кон крајот на мај, фондот објави дека потрошеното нуклеарно гориво ќе се отстранува во бакарни резервоари на длабочина од 500 метри. Резервоарите ќе бидат спуштени со специјално дизајнирани машини во бунар исполнет со пресувана бентонитска глина – бариера што го спречува ширењето на радионуклиди во околината. Потоа машините ќе ги затворат тунелите со блокови од пресувана глина.
Со оглед на тоа што локацијата е на само неколку километри од границата со Босна и Херцеговина, институциите и еколошките активисти од Босна и Херцеговина со години изразуваат загриженост за можното загадување на реката Уна и околните области.