Грчките бродови останаа во пристаништето, а железничкиот сообраќај беше запрен откако работниците утрово ја напуштија работата во знак на протест против планираните реформи во законот за труд, кои вклучуваат продолжување на работното време на 13 часа во приватниот сектор.
Штрајкот го организира Синдикалната федерација на државните службеници (АДЕДИ), а се очекува да му се приклучат болничките лекари и новинарите од јавните медиуми.
Вработените во градскиот транспорт во Атина соопштија дека ќе се приклучат на штрајкот на почетокот и крајот на работниот ден, за да им дадат поддршка на државните службеници. Поради тоа, денеска метрото и трамвајот во грчката престолнина ќе сообраќаат од 9.00 до 17.00 часот, а автобусите и тролејбусите од 9.00 до 21.00 часот.
И железничките работници се приклучија на штрајкот, поради што денеска нема да сообраќаат возови низ целата земја, пренесува „Катимерини“.
Нацрт-законот им овозможува на работодавците да го продолжат работното време, им дава поголема флексибилност во краткорочното вработување и ги менува правилата за годишен одмор во приватниот сектор.
Владата тврди дека законот ќе создаде поефикасен и пофлексибилен пазар на трудот и ќе ги заштити работниците од отпуштање ако одбијат да работат прекувремено.
Но, синдикатите велат дека законот им штети на правата на работниците, го укинува осумчасовниот работен ден и им ја одзема нивната моќ за преговарање во земја каде што просечните плати се сè уште ниски во споредба со другите земји од ЕУ, и покрај зголемувањето на платите и пониската невработеност по исцрпувачката должничка криза од 2009 до 2018 година.
Минатата недела АДЕДИ повика на штрајк со барања за враќање на 13-та и 14-та плата, значително зголемување на платите, потпишување колективни договори во јавниот сектор, стабилна и постојана вработеност и укинување на новиот дисциплински закон.