Грчки суд донел историска пресуда против 68-годишен маж од островот Евбеја, кој затворил 58 мачки во трошна зграда и ги оставил без храна и вода. Сите животни биле во критична состојба, некои и со повреди, кога полицијата влегла во просторијата по пријава од случајни минувачи, јави Катимерини.
Обвинетиот, кој се обидел да објасни дека ги „собирал скитниците од сочувство“, бил прогласен за виновен за суровост кон животните. Судот го осудил на парична казна од 1,7 милиони евра, највисока досега изречена во Грција за ваков случај.
Неговите адвокати тврделе дека тој бил ментално болен, но судските експерти заклучиле дека бил целосно свесен за своите постапки.
Понатаму, судот земал предвид и негови претходни дела – злоставување на кучиња – што влијаело на тежината на пресудата.
– Ова е значаен чекор за заштита на животните и пример дека правдата може да биде строга кога е неопходно – изјавиле претставници од Сојузот за заштита на животните, кој сега се грижи за спасените мачки.



























