Украина можеби ќе мора да отстапи територија на Русија за да склучи „привремен мир“ со Москва, изјави градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, за британската телевизиска мрежа Би-Би-Си, чие интервју беше објавено денес.
„Едно од сценаријата… би било откажување од територија. Тоа не е фер, но за мир, привремен мир, можеби тоа е решение, привремено“, рече Кличко, зборувајќи на англиски јазик.
Кличко нагласи дека украинскиот народ „никогаш нема да прифати окупација“ од страна на Русија.
Кличко сега е еден од највисоките украински политичари кој јавно изјави дека неговата земја можеби ќе мора да се откаже од територијата, иако привремено, пишува Би-Би-Си.
Тој рече дека украинскиот претседател Володимир Зеленски можеби ќе биде принуден да донесе „болна одлука“ за да постигне мир.
Би-Би-Си истакнува дека градоначалникот на Киев и украинскиот претседател Володимир Зеленски се политички противници и дека Кличко постојано го обвинува претседателот и неговиот тим дека се обидуваат да го поткопаат неговиот авторитет.
На прашањето дали Зеленски разговарал со него за какви било детали за можен договор, Кличко едноставно одговори „не“.
„Претседателот Зеленски го прави тоа самиот. Тоа не е моја функција“, рече Кличко.
Кличко разговараше со Би-Би-Си синоќа, еден ден по рускиот напад врз Киев во кој загинаа 12 лица, а повеќе од 80 беа ранети. Тоа беше еден од најсмртоносните напади врз украинската престолнина во последните месеци.
Преговорите што ги иницираше американскиот претседател Доналд Трамп се во застој, повеќе од 100 дена од неговото враќање во Белата куќа. Особено во врска со прашањето за евентуалното префрлање на територија по тригодишна војна, како и прашањето за Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година, пренесува агенцијата Франс Прес.
Трамп оваа недела изјави дека е „многу блиску“ до компромис со Русија и ја префрли одговорноста за блокирање на преговорите на украинскиот претседател, додаде француската агенција.