Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во интервју објавено во неделата изјави дека група земји, меѓу кои и членките на Советот за безбедност на Обединетите нации, треба да бидат гаранти за безбедноста на Украина, објави Ројтерс.
Ројтерс минатата недела објави дека претседателот Владимир Путин бара Украина да се откаже од целиот источен регион Донбас, да се откаже од амбициите за членство во НАТО, да остане неутрална и да не дозволи западни трупи на своја територија, според тројца извори запознаени со размислувањата на Кремљ на високо ниво.
Путин го покренал прашањето за неуспешните истанбулски разговори во 2022 година
Лавров за Ен-Би-Си њуз рече дека Путин и американскиот претседател Доналд Трамп разговарале за прашањето на безбедносни гаранции за Украина и дека Путин го покренал прашањето за неуспешните истанбулски разговори од 2022 година.
На тие разговори, Русија и Украина дискутираа за трајна неутралност на Украина во замена за безбедносни гаранции од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН: Британија, Кина, Франција, Русија и САД, како и од други земји, според копија од нацрт-договор што го видел Ројтерс во 2022 година.
Во групата би можеле да бидат Германија и Турција
Лавров изјави дека група, која вклучува членки на Советот за безбедност, треба да ја гарантира безбедноста на Украина. Во групата, според него, би можеле да бидат и Германија и Турција, како и други држави.
– Гарантите би ја гарантирале безбедноста на Украина, која мора да биде неутрална, која мора да не е дел од ниеден воен блок и која мора да биде ненуклеарна – рече Лавров, според транскриптот од интервјуто, објавен од руското Министерство за надворешни работи.
Лавров, исто така, јасно стави до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо за Русија, дека Русија бара заштита за руското население во Украина и дека со Украина треба да се водат територијални разговори.