Германската индустрија ја губи трката од кинеската конкуренција, а високите трошоци за енергија се нејзина најголема пречка, предупредуваат економистите и индустриските експерти.
Германскиот извоз се намали за 1,7 проценти минатата година, според статистиката, на околу 1,65 трилиони евра.
Вредноста на кинеските пратки во странство се зголеми за 7,1 процент минатата година, на 25,4 трилиони јуани (3,04 милијарди евра).
Кинеските компании водат жестоки ценовни војни на домашниот пазар, а нивниот вишок капацитет претставува значителна закана за германската индустрија, предупредуваат економистите и експертите.
Кина го затвора јазот
„Кинеските конкуренти го затвораат јазот и се сè поактивни во сегментите на производи и индустриските сектори каде што германската индустрија традиционално била многу силна“, вели Филип Боинг, економист и професор по емпириско истражување на иновациите на Универзитетот Гете во Франкфурт и ZEW Манхајм.
Во области како што се дигитализацијата и генеративната вештачка интелигенција, кинеските компании „во некои случаи веќе ги надминаа технолошките можности на нивните германски конкуренти“, додаде Боинг.
Германското индустриско производство е во опаѓање веќе десет години, предупредува индустрискиот експерт и партнер во меѓународната консултантска фирма BCG, Јенс Бурхарт.
Секторот за хемиско производство е во опасност
Според Бурхарт, секторите што трошат големи количини енергија, како што е производството на основни хемикалии, се во најголема опасност.
Високите трошоци за енергија, исто така, го загрозуваат автомобилскиот сектор и се главната причина за ослабената конкурентност на германските компании, нагласува тој.
„Германските производители ќе ја задржат својата сегашна позиција ако изградат позиција во сегментот на електрични погонски системи што може да се совпадне со нивната традиционална позиција во сегментот на мотори со внатрешно согорување“, рече тој.
Покрај хемискиот и автомобилскиот сектор, сè пожестоката кинеска конкуренција, исто така, „дише во вратот“ на германските компании во сектори како што се машинството и електроиндустријата, верува BCG.