Германската индустрија ја губи трката од кинеската конкуренција, а нејзината најголема пречка се високите трошоци за енергија, предупредуваат економистите и индустриските експерти.
Според статистиката, германскиот извоз се намалил за 1,7 проценти минатата година, на околу 1,65 трилиони евра.
Вредноста на кинеските пратки во странство се зголемила за 7,1 процент минатата година, на 25,4 трилиони јуани (3,04 милијарди евра).
Кинеските компании водат жестоки ценовни војни на домашниот пазар, а нивниот вишок капацитет претставува значителна закана за германската индустрија, предупредуваат економистите и експертите.
Кина го затвора јазот
„Кинеските конкуренти го затвораат јазот и се сè поактивни во сегментите на производите и индустриските сектори во кои германската индустрија традиционално била многу силна“, вели Филип Боинг, економист и професор по емпириско истражување на иновациите на Гете Универзитетот Франкфурт и ZEW Манхајм.
Во области како што се дигитализацијата и генеративната вештачка интелигенција, кинеските компании „во некои случаи веќе ги надминале технолошките можности на германските конкуренти“, додаде Боинг.
Германското индустриско производство е во опаѓање веќе десет години, предупредува Јенс Бурхарт, експерт за индустријата и партнер во меѓународната консултантска фирма BCG.
Хемискиот сектор е во опасност
Според Бурхарт, енергетски интензивните сектори, како што е производството на основни хемикалии, се во најголем ризик.
Високите трошоци за енергија, исто така, му се закануваат на автомобилскиот сектор и се главната причина за слабеењето на конкурентноста на германските компании, нагласува тој.
„Германските производители ќе ја задржат својата сегашна позиција ако изградат позиција во сегментот на електрични погонски системи што може да се совпадне со нивната традиционална позиција во сегментот на мотори со внатрешно согорување“, рече тој.
Покрај хемискиот и автомобилскиот сектор, сè пожестоката кинеска конкуренција, исто така, „дише во вратот“ на германските компании во сектори како што се машинството и електроиндустријата, верува BCG.