Пушат цигари 40 проценти од младите во Македонија, кои се на возраст до 18 години, дел од нив уште од 13-годишна возраст, со што Македонија се рангира меѓу земјите со највисоките стапки на пушење, истакнаа учесници на регионална работилница на која денеска учествуваше и министерката за образование и наука Весна Јаневска.
– Превенцијата во рана возраст е клучна за одбегнување на злоупотребата на штетните материи како алкохол, цигари и дрога, а образованиот процес е најдобар начин за превенција и одбегнување на злоупотребата на штетните материи – истакна министерката Јаневска на работилницата „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“, во организација на Аналитика Тинк Тенк.
– Злоупотребата на тутунот и електронските цигари кај младите навистина штетно влијаат на здравјето. Тоа мора да го превенираме и Министерството за образование и наука и Владата преземаат определени чекори првенствено за превенција за да ги избегнеме трошоците за лекување во подоцнежите години – нагласи Јаневска.
Таа потсети дека новина од оваа година е воведување на предметот „Учам за моето здравје“, кој ќе се изучува во седмо одделение. Министерката најави дека во новата учебна година ќе бидат обучени 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика тинк тенк истакна дека Македонија сѐ уште се рангира како земја со една од повисоките стапки на пушење.
– Факт што нас нѐ загрижува и нашите анализи што покажуваат е дека младите во Македонија покажуваат сериозна стапка на пушење. Она што можеме да го направиме и како тинк тенк и како цело општество е да реагираме соодветно. Прво, на младите под 18 години им се забранува продажба на цигари и треба да се почитува таа законска регулатива. Најважна е и едукацијата и превенцијата да почнат од многу рана возраст. Од рано да ги едуцираме младите дека генерално пушењето е штетно и младите да развиваат позитивни навики – рече Мијовиќ Спасова.
Според неа, она што е најфрапантно и анализите што покажуваат дека веќе на 13 годишна возраст младите почнуваат да пушат.
– И штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие веќе и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Четириесет проценти од младите што се до 18 години пушат. Затоа кажав дека бројките се алармантни. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не повторно да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја безбедна варијанта којашто нема да им пречи. А според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите – рече Мијовиќ Спасова.