Минува еден месец откако градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков со голема помпа ветуваше дека ќе ја дислоцира скандалозната реклама на казино “Фламенго” од влезот на градското пристаниште. Еден месец подоцна, рекламата сè уште гордо стои на истото место, како споменик на лицемерието и административната неспособност.
Но вистинскиот скандал не е во тоа што ветувањето не се исполни – тоа е во самата суштина на оваа “партнерска соработка”. Имено, во една бизарна реалност која би ја посрамила и најсуровата политичка сатира, Општина Охрид не само што не наплаќа ниту денар за користење на јавната poвршина, туку се јавува како СПОНЗОР на казиното!
Да се запрашаме: од кога Општина Охрид стана акционерско друштво во приватна сопственост? Од кога локалната самоуправа, чија основна мисија е да ги штити интересите на граѓаните, стана промотер на коцкарскиот занает?
Пикантеријата е што електричното напојување за светлечките реклами кои секоја ноќ го осветлуваат коцкарството го плаќа Општина Охрид! На чиј терет? На терет на даночните обврзници на Охрид, кои секој месец во сметките за електрична енергија доплаќаат на име „улично осветлување”.
Значи, граѓаните на Охрид не само што мора да трпат визуелно загадување на најубавиот дел од градот, туку го финансираат и тоа загадување! Секој месец, преку сметките за струја, тие донираат за да блеска рекламата на казиното.
Во кој паралелен универзум е нормално јавното претпријатие да го спонзорира приватниот бизнис? Во која земја на планетава општината плаќа за да се рекламира коцкарница на најпрометното место во градот?
Охрид, градот на светлината и знаењето, градот под заштита на УНЕСКО, градот кој се фали со културното наследство, станал спонзор на коцкарството. Ирониите не можат да бидат погруба.
Крајно е нејасно дали општина Охрид свесно пропагира развој на коцкарскиот занает на терет на граѓаните, или се работи за некаква противзаконска имотна корист на поединци???
Кој тоа Општина Охрид ја претвори во акционерско друштво во приватна сопственост? Кој донесуваше одлуки спротивни на јавниот интерес? И најважно – кој одговара за оваа срамотија?
Месец дена од лажните ветувања на градоначалникот, рекламата сé уште стои. Не само што стои, туку продолжува да се финансира од јавните пари. Секоја ноќ кога светли таа реклама, тоа е потсетник дека јавниот интерес е продаден за приватна корист,за коцкарство.
Градоначалникот Пецаков очигледно смета дека граѓаните на Охрид имаат кратка меморија. Грешка. Меморијата на граѓаните е долга, а срамот на администрацијата станува сé поголем.
Времето е Општина Охрид да престане да се прави дека работи во интерес на граѓаните, кога очигледно работи во интерес на казиното.
Ѕидот на срамот е подготвен. Местото е резервирано.
Сашо Денесовски
Tagged as:
Кој тоа Општина Охрид ја претвори во акционерско друштво во приватна сопственост
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖