Филмот „Утре наутро“ во режија на Јани Бојаџи премиерно ќе биде прикажан на 19 ноември во Синеплекс. Сценариото и режија се на Јани Бојаџи, продуцент: Јани Бојаџи, извршен продуцент: Дејан Милошевски, директор на фотографија: Дарио Секуловски, монтажер: Давид Дулев, продукциски дизајнер: Јани Бојаџи, сценограф: Гоце Попов, костимограф: Зорка Тодорова, шминкер: Ирена Сенокозлиовска, композитор: Јани Бојаџи.
-„Утре наутро“ е политичка драма во кој ги опсервирам луѓето кои ги носат одлуките со чии последици се соочуваме ние. Мене живо ме интересира кои се луѓето кои ги носат одлуките со кои ние се носиме, оној висок општествен круг луѓе. Ова е приказна инспирирана од вистински настани кои се случиле меѓу 2014 и 2017 година. Плотот на приказната е фаталниот 27 април 2017 година и се занимава со прашањето што после тоа. Зборува за две семејства кои се соочуваат со последиците на одлуките кои ги носат т.н. глави на семејствата-татковците, мажи на извесна возраст од сите нации и религии во Македонија, неподготвени да се соочат со фактот дека последиците од одлуките кои тие ги носат најчесто ги сносат нивните семејства и сите други семејства. Филмот е посветен на сите оние жени во Македонија кои се подготвени да ги одбранат семејствата и заедницата на која се посветени – вели Јани Бојаџи.
Според него, филмот се темели на актерската игра и центар на филмот е актерот и неговата човечност.
Во главните улоги сe: Нина Деан и Ирена Илиевска, а останатите улоги ги толкуваат: Гоце Андонов, Јана Никодиновска, Кети Дончевска Илиќ, Бајрам Северџан, Горан Стојаноски, Васил Зафирчев, Роберт Вељановски, Благој Веселинов, Јана Вељановска, Димитрина Мицкоска.
– Имав бескрајна среќа да имам во филмот актери со огромно човечко присуство. Ме интересира не само да се добри актери, туку и да се добри луѓе. Работевме 75 дена и навистина беше исклучително задоволство да се биде заедно – вели Бојаџи.
По премиерата, од 20 ноември, ќе почне целосна дистрибуција низ Македонија и веќе се закажани проекции во Штип, Велес, Богданци, Струга и Крива Паланка.
Продуценти се: Синемон медија фактори, Револушн продакшн во соработка со Алфа Национална телевизија.



























