Вечерва од Гевгелија, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, испрати јасна порака до Христијан Мицкоски: „Македонија не е твој експеримент, ниту твој вилает“.
Филипче нагласи дека државата е заеднички дом на сите граѓани и дека партијата ќе се бори за него.
– Ние од СДСМ секогаш ја градевме државата во кризи, во несигурност, во време кога требаше храброст, а не популизам – рече Филипче од граѓанската трибина во рамки на кампањата за локалните избори „Се бориме за нашиот дом“, на која беа претставени кандидатите за советници и кандидатот за градоначалник, Миле Атанасов.
Филипче истакна дека СДСМ секогаш биле тука за граѓаните и дека повторно ќе ја исправат државата.
– Македонија се буди. Власт која постои за луѓето, а не за партијата. СДСМ не е само партија, туку движење за општеството во кое секој човек е важен – рече лидерот на СДСМ.
Тој критички се осврна и на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во последните четири години, наведувајќи дека цените се покачени, а животот на граѓаните е потежок.
– Општината е целосно отуѓена од потребите на луѓето. Затоа гласот за Миле Атанасов и за советничката листа е глас за враќање на Општината во рацете на граѓаните – порача тој.
Филипче ја истакна и важноста на изборите за целата држава, нагласувајќи дека се работи за борба за вистината, достоинството и иднината на Македонија. Тој го коментираше и последниот статистички показател за инфлацијата, оценувајќи го како манипулација со бројки и „финти“ за да се убеди народот дека ситуацијата е добра, додека граѓаните секојдневно чувствуваат дека животот станува потежок.
Кампањата на СДСМ продолжува со граѓанска трибина вечерва и во Валандово, каде што ќе бидат претставени кандидатите за локалните избори.