Поради зголемени загуби на вода во топлификациската дистрибутивна мрежа дел од потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина почувствуваа намален квалитет во испораката на топлинска енергија, информира ЕСМ дистрибуција.
Оттаму додаваат дека екипите на ЕСМ Дистрибуција го лоцирале дефектот на магистрален вод А во општина Центар што поминува преку булеварот Кочо Рацин, на потегот помеѓу Веро Центар и Олимписки базен.
Екипите работат на утврдување на дефектот и негово отстранување.
-Двегодишната тотална негрижата и неодржување на дистрибутивната мрежа од претходното раководство кое несовесно и неодговорно ја раководеа компанијата придонесуваат за појава на вакви неочекувани дефекти. Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина продолжуваат со работа, со вложување на максимални напори за што побрзо отстранување на дефектот, по што ќе следи нормализирање на испораката на топлинска енергија за потрошувачите кои се снабдуваат со топлинска енергија од тој магистрален вод – вели Петар Милетиќ, директор на СМ Дистрибуција на топлинска енергија.
Засега не се знае кога ќе се нормализира состојбата со парното.