Хамас му потврдил на Израел дека 20 заложници се живи и оти можат да бидат ослободени веќе денес, јави „Вол Стрит Џурнал“ повикувајќи се на извори запознаени со прашањето. Според извештајот, пораката била испратена преку арапски посредници.
Израелски функционер за весникот изјавил дека Израел е подготвен да ги прими заложниците вечерва, иако сè уште се смета дека понеделник ќе биде посоодветен за нивно ослободување.
Израел исто така соопшти дека верува дека 20 заложници се живи, постојат сериозни загрижености за судбината на уште двајца, додека за 26 други е потврдено дека се починати.
Претходно, медиумите на хебрејски јазик, повикувајќи се на неименувани израелски претставници, јавија дека Ерусалим добил индикации дека Хамас сака да го забрза ослободувањето на заложниците во Газа за вечерва, јави Тајмс оф Израел.
Според извештаите, милитантната исламистичка група дала сигнал дека сака процесот да биде завршен пред утрешното пристигнување на американскиот претседател Доналд Трамп во Израел.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека „Израел е подготвен за „итно примање на сите наши заложници“, според соопштение од Канцеларијата на премиерот.
Во меѓувреме, израелски функционер за јавниот радиодифузен сервис Кан изјави дека армијата очекува заложниците да се вратат во Израел до моментот кога американскиот претседател Доналд Трамп ќе пристигне во Израел утре, 13 октомври, во 9:20 часот наутро.
– ИДФ ги заврши подготовките за ослободување на заложниците и проценува дека сите ќе бидат ослободени пред пристигнувањето на Трамп – изјави изворот.