Доајенот на македонското глумиште, актерката Снежана Коневска – Руси е годинашен добитник на наградата за животно дело што ја доделува Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 6 до 13 јуни во Прилеп. Коневска- Руси е добитник заедно со актерите Соња Михајлова и Гоце Тодоровски.
Фестивалот го прифати предлогот на МНТ и на Снежана Коневска-Руси наградата ќе и биде врачена на отворањето на годинашново 59. издание на Фестивалот.
Снежана Коневски-Руси, легенда на македонскиот театар, филм и култура, повеќе од пет децении е дел од театарскиот филмски репертоар во земјава. Нејзината актерска кариера низ децении тивко и непрекинато ниже широк дијапазон на ликови на сцената на МНТ и на другите театарски сцени. Низ војата актерска кариера Коневска-Руси одиграла 48 театарски улоги, 10 улоги во серии и во филмови и 20 режии и асистенции на режија. Таа била и сценарист и водител на голем број детски музички фестивали, синхронизација на неброени цртани филмови и ТВ-проекти, образовни и контактни емисии. Творец е и на голем број проекти за деца, позајмува гласови на ликови во серии за возрасни и за деца, реализатор е на голем број специјални програми на НВО и долгогодишен соработник на ФААТ и ДАФ, Кочани, како селектор, член на жири-комисија и уметнички директор, како и спикер-водител и член на голем број емисии од музички, забавен и водителски карактер и на Детската радиодрама во РТС.
Добитник е на бројни награди: награда на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за најдобро актерско остварување за улогата на Маргарита во претставата „Ричард Трети“ во 1991 година, а во 1976 на Фестивалот ја добила наградата за епизодна улога на слепата девојка во претставата „Крчма под зеленото дрво“. Во 1974 е добитник на награда на весникот „Млад Борец“ за најуспешен млад актер за улогата на девојката во претставата „Димна Јуда, град градила“ и за монодрамата „Ана Франк”.
Снежана Коневска Руси во 1992 година ја доби наградата „13 Ноември“ на град Скопје за повеќегодишни значајни остварувања во областа на драмската уметност.