Грета Тунберг, 22-годишната шведска активистка за климата стана симбол на отпорот против израелската блокада на Газа, јави „Гардијан“. Таа беше пречекана со овации среде Атина откако беше депортирана од флотата бродови со активисти која носеше хуманитарна помош за Газа.
Израелските власти вчера депортирале 171 активист, вклучувајќи ја и Тунберг, како дел од акцијата против флотата што се обидела да ја пробие поморската блокада на Газа. Бројот на протерани достигнал 341, од вкупно 479 приведени, соопшти израелското Министерство за надворешни работи. Групата предводена од активисти од 20 земји се обидела да достави хуманитарна помош по морски пат.
– Таму се случува геноцид – изјави Тунберг на аеродромот во Атина, додека толпата ја поздравуваше со аплауз и скандирања.
Активистката остри ги осуди меѓународните системи велејќи дека „тие ги предаваат Палестинците. Тие не се во состојба да ги спречат ниту најлошите злосторства“.
– Ние се обидовме да интервенираме онаму каде што нашите влади затаиле – нагласи таа.
Грчкото Министерство за надворешни работи потврди дека 161 активист стигнале вчера во Атина. Меѓу нив имало и 27 грчки државјани.
Според Обединетите нации, над 2,2 милиони луѓе во Газа живеат во услови на екстремна беда, со голем дел протерани од домовите. Израел тврди дека извештаите за глад се „претерани“ и ја обвини флотилата дека ја користи хуманитарната криза за пропаганда во корист на Хамас.
Истовремено, швајцарски и шпански активисти сведочеле за нехумани услови во притворот: лишување од сон и храна, тепање, затворање во кафези. Израелските власти ги негирале овие наводи.
„Законските права на сите учесници се почитувани“, соопштија од Министерството, објавувајќи фотографии од Тунберг на аеродромот во Тел Авив.
Во една сцена опишана од швајцарската група што ги застапува активистите, еден притвореник „гризнал докторка“, што, според Израел, било единствениот акт на насилство за време на целата операција.