Еден од најголемите светски производители на ветерна енергија објави дека отпушта 2.000 работни места и се повлекува од американскиот пазар на енергија од ветер, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп одлучи да ги суспендира новите или обновените договори за закуп на ветерни електрани во море.
Данскиот енергетски гигант „Орстед“ планира намалувањето на работните места да го направи до крајот на 2027 година преку комбинација од отпуштања, природно намалување на бројот на вработени и продажба на делови од бизнисот.
Во соопштението, компанијата наведува дека намалувањето на бројот на вработени е дел од поширок план за зголемување на конкурентноста и рационализација на деловната структура.
– Ова е неопходна последица од нашата одлука да го фокусираме нашиот бизнис и фактот дека во наредните години ќе го завршиме нашето големо градежно портфолио, поради што ќе ни требаат помалку вработени. Во исто време, сакаме да создадеме поефикасна и пофлексибилна организација и поконкурентен „Орстед“, подготвен да се натпреварува за нови проекти за ветерна енергија што носат вредност – изјави Расмус Ербое , директор на компанијата.
„Орстед“ претрпе значителни загуби на американскиот пазар во последните години. Комбинацијата од зголемени трошоци, прекини во синџирите на снабдување и промени во енергетската политика под администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја принуди данската фирма да се откаже од планираните проекти во Соединетите Американски Држави.
Во текот на летото, администрацијата на Трамп му нареди на Орстед да ја запре изградбата на својот проект „Револушн Винд“ покрај брегот на Род Ајленд – кој беше 80% завршен и требаше да напојува повеќе од 350.000 домови.
Американски суд ја поништи таа наредба минатиот месец, но „Орстед“ одлучи да ги пренасочи своите операции кон европскиот офшор ветерни фарми и одредени пазари во Азија, по завршувањето на постојните глобални проекти.
Сепак, на европскиот пазар, компанијата планира да ја задржи водечката улога преку инвестиции во Северното Море, Балтичкиот регион и Велика Британија, каде што има активни проекти со вкупен капацитет од повеќе од 10 гигавати.