Србија и Италија планираат да воведат железничка линија Белград – Трст, преку Загреб и Љубљана што се оценува проект од стратешко значење за двете земји.
Информацијата ја пренесоа српските медиуми по средбата на министерката за градежништво, транспорт и инфраструктура Александра Софронијевиќ и италијанскиот амбасадор во Србија Лука Гори.
– Тој железнички коридор би бил важен за дополнителен економски раст, како и за подобрување на заштитата на животната средина – изјави министерката Софронијевиќ по средбата.
Од друга страна, амбасадорот Лука Гори нагласи дека инфраструктурата е „клучна област на соработка меѓу Србија и Италија“.
Се проценува дека железничката линија Белград-Трст не само што би ги поврзала важните регионални економски центри, туку би овозможила и поодржлив транспорт на стоки и луѓе меѓу Балканот и Италија. Се очекува дека и туризмот да добие нов импулс.
Се претпоставува дека ова железничко поврзување е дел од новиот европски железнички систем „Starline“ кој неодамна е презентиран. Системот предвидува да се поврзат 39 дестинации низ Стариот континент. Замислен е како мрежа на возови со голема брзина која ќе ги поврзува клучните градови во Европа, вклучувајќи дестинации во Велика Британија, Украина и Турција, а станици ќе има во Белград, Загреб и Сараево.
Основна идеја е да се создаде ултра брзи линии кои би биле конкурентни на воздушниот сообраќај.