Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на свеченоста по повод Меѓународниот ден на Ромите, каде порача дека 8 април ден има силна симболика, тоаа е ден на сеќавање на историја, на прогонот, на исклученоста, но и ден на достоинство, отпор и надеж.
– Тоа е ден кога не само што ја славиме ромската култура, туку и гласно зборуваме за неправдите со кои оваа заедница се соочувала и за заложбите кои ги преземаме како држава за да ги надминеме тие неправди. Ромите се составен дел од нашата држава. Тие не се „малцинство“, туку народ со богата традиција, со музика, со јазик, со историја, традиција, обичаи. Тие се наши сограѓани, соседи, пријатели, соработници, и најважно од сè – граѓани со иста вредност и достоинство како секој друг. Но вистината е дека ромската заедница предолго живее на маргините. Да бидеме искрени, нееднаквоста е реална – рече премиерот.
Мицкоски рече дека визијата на владата не е Ромите да бидат „толерирани“ или „вклучени“, туку Ромите да бидат рамноправни граѓани, со иста моќ да одлучуваат, создаваат, сонуваат и живеат достоинствено.
– Затоа денес не е само ден на одбележување туку ден на отчет. Ден кога повторно го обновуваме нашиот завет: Дека нема да има напредок без еднаквост. Дека нема слобода без правда. Дека нема развој без вклученост на сите. Градиме Македонија како држава за сите. За секое дете, секое семејство, секој човек, без разлика на етничка, верска или социјална припадност – порача тој.
Затоа владата, рече Мицкоски, вложува во политики кои ќе обезбедат еднаков почеток за секое дете, без разлика на етничка или социјална припадност.
– Кога едно ромско дете ќе влезе во училница, тоа е чин на отпор. Кога дипломира, тоа е победа на правдата. Владата затоа ја стави еднаквоста во образованието како приоритет. Како што рече Нелсон Мандела „Образованието е најмоќното оружје со кое можете да го промените светот.“ Јас ќе додадам: и да го промениме животот на секое ромско дете. Тоа дете може да биде идниот лекар, архитект, уметник, пратеник или премиер. Да не дозволиме ниту едно дете да биде оставено зад нас. Да не дозволиме сиромаштијата да ја победи шансата. Да вложуваме сега, затоа што секој образован млад човек денес е лидер, доктор, инженер или учител утре. Да им дадеме крила, тие веќе имаат сила. Да го отвориме патот, тие веќе имаат соништа. Вработување од интеграција до еднаква економска шанса – порача Мицкоски.