Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денеска објави дека е завршен еден од најголемите инфраструктурни проекти во општината – уредувањето на речното корито со нова трим патека, парк и урбана опрема. Со овој проект, кој чини 65 милиони денари, Бутел добива нов простор за спорт и рекреација, кој, според Костовски, го менува ликот на општината.
„Денес е еден од најубавите денови, ден за еден од најголемите проекти кои се реализираа во Општина Бутел! Проект кој 30 години беше ветуван на граѓаните станува реалност и е во целост завршен“, напиша Костовски на својот Фејсбук профил.
Во рамки на проектот, изградено е речно корито во должина од 1800 метри, поставена е трим патека и поставена е нова урбана опрема. Дополнително, оформен е парк на површина од 5000 квадратни метри, збогатен со зеленило и зони за одмор и рекреација.
„Го реализиравме едно од најголемите барања на граѓаните на Општина Бутел. Заедно го менуваме ликот на нашата општина, заедно ќе спортуваме и ќе се рекреираме на овој кеј. Ветувањата ги реализираме“, истакна градоначалникот Костовски, кој воедно е кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат.
Проектот е дел од пошироката иницијатива за уредување на јавните простори и создавање повеќе зелени и рекреативни површини во скопската општина Бутел.