Познатиот порторикански рапер Бед Бани одговори на негативните коментари за неговиот претстоен настап на Супербол. Раперот ја започна 51-та сезона од шоуто „Saturday Night Live“ со двојазичен монолог каде што го спомена настапот на полувремето на Супербол, а посебно внимание привлече неговиот коментар упатен до десничарите, кои се спротивставија на неговиот настап на овој настан, пренесува „Билборд“.
– Многу сум среќен и мислам дека сите се среќни поради тоа. Дури и ‘Фокс њуз’ – се пошегува раперот.
Потоа „Сатрдеј најт лајв“ емитуваше исечоци од конзервативниот информативен канал, во кој се критикуваше НФЛ за ангажирање изведувачи на шпански јазик, особено обрнувајќи внимание на неодамнешните коментари на Бед Бани за тоа дека не оди на турнеја низ САД од страв неговите обожаватели да не се соочат со Службата за имиграција и царина (ICE).
Бед Бани изговори неколку срдечни зборови на својот мајчин јазик, заблагодарувајќи им се на оние кои се навистина среќни поради неговиот претстоен настап на Супербол.
– Особено до сите Латиноамериканци од светот тука во Соединетите Американски Држави, кои работеа на „отворање на вратите“. Ова е повеќе од победа за мене, тоа е победа за сите нас. Нашиoт печат и нашите придонеси за оваа земја, никој никогаш нема да може да ги одземе или избрише – рече тој на шпански.
Потоа проговори на англиски, обраќајќи им се на десничарите.
– Ако не разбравте што реков сега, имате четири месеци да научите.
Бед Бани ќе настапи на полувремето од Супербол, на 8 февруари 2026 година, на стадионот Levi’s во Санта Клара, Калифорнија.