Аце Боцевски, познат како Аце Циганот, македонски државјанин кој речиси три децении беше баран со европска потерница за убиство, нема да биде екстрадиран во Македонија. Солунскиот суд одлучил дека случајот е застарен и му ја укинал мерката притвор, објави грчката агенција АНА-МПА.
Со отфрлање на барањето за екстрадиција, судиите одлучиле и да му ја укинат мерката притвор.
Боцевски, кој денес има 60 години, беше уапсен во мај годинава во Катерини, каде што живеел подолг период. Тој бил осуден на 15 години затвор поради убиството на 37-годишниот Сеат Ибраими во ноември 1997 година, но веднаш по пуштањето од притвор избегал во Грција.
Според документите од македонското обвинителство, Боцевски намерно предизвикал сообраќајна несреќа, а кога Ибраими излегол од возилото да ги види оштетувањата, бил застрелан. Судењето се одржало една година подоцна, но осудениот веќе не бил достапен за издржување на казната.
Пред солунскиот суд, Боцевски тврдел дека бегството било поради политички притисоци, дека работел во обезбедувањето на претседателот Киро Глигоров и дека се чувствувал загрозено. Во меѓувреме, во Грција изградил нов живот и сопствен бизнис со изнајмување соби во областа Пиерија.
– Тој, преку своите адвокати, изјави дека во тој период служел во личното обезбедување на тогашниот претседател на државата, Киро Глигоров и дека бил на мета од политички причини. Според неговите тврдења, бил задржан во притвор 90 дена, по што бил пуштен на слобода, а потоа избегал со пасош издаден од властите на неговата земја и се преселил во Грција – пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.
Грчките судии го одбија барањето за екстрадиција од македонските власти со образложение дека казната е изречена пред повеќе од две децении, па според нивното законодавство – делото е застарено.



























