Денеска во просториите на Општина Охрид се одржа состанок посветен на спроведувањето на законските обврски за редовно чистење на оџаците во индивидуални и колективни станбени објекти.
На состанокот присуствуваа претставници од Одделението за животна средина, Одделението за безбедност и здравје при работа, Инспекторатот при Општина Охрид, како и претставници на Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување од Охрид. Поканети беа претставници на агенциите кои управуваат со станбени згради и претставници на месните и урбаните заедници.
Присутните разговараа за значењето на редовното чистење на оџаците како законска обврска, но и како клучна мерка за заштита на животната средина преку спречување на дополнително загадување на воздухот. Беше истакната и важноста на оваа активност како превентивна мерка за заштита од пожари, особено во зимскиот период кога ризикот од настанување на пожари поради неисчистени оџаци е значително зголемен.
Општина Охрид ги повикува сите граѓани и управувачи на станбени објекти да постапат согласно законските обврски и навремено да преземат мерки за чистење на оџаците, со цел зголемување на безбедноста и заштита на животната средина.