Министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, изјави дека во тек се подготовки за состанок помеѓу претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на САД, Доналд Трамп, јавува Анадолија.
– Работиме на тоа да утврдиме дали средбата ќе се одржи во САД или во Турција – изјави министерот Хакан Фидан пред новинарите на дипломатскиот форум во Анталија, турски туристички центар.
Фидан изјави и дека претседателот Ердоган има намера да ја посети Сирија.
– Работиме на утврдување соодветни услови, датум и локација за таа посета – посочи министерот за надворешни работи на Турција.
Фидан додаде дека за време на тридневниот форум, Турција беше домаќин на повеќе од 6.000 гости од 155 земји, вклучувајќи 21 претседател и премиер, петмина потпретседатели и заменик премиери, како и 64 министри од владите. Тој додаде дека на собирот се изложиле предлози за решавање на регионални и глобални прашања, а оваа година форумот се фокусирал на надежите и на стравовите околу заедничката иднина на човештвото.
Фидан рече дека форумот ги опфатил и прашањата поврзани со Газа и Сирија, како и состојбите на африканскиот континент, но и теми како зајакнување на жените, борбата против расизмот и против присилното раселување.
– Турција и понатаму се залага за дипломатски пристап заснован на регионална одговорност и соработка, во услови на глобална поларизација. Во тој контекст, ќе продолжиме со полна сила да се бориме за запирање на крвопролевањето во Палестина – изјави Фидан, додавајќи дека Анкара ќе продолжи и со напорите против заканите по безбедноста и стабилноста на Сирија.
Апелирајќи до сите актери, и внатре и надвор од Сирија, да бидат внимателни и да избегнуваат провокации, Фидан рече дека е „очигледно дека операциите на Израел во Сирија, кои траат веќе долго време, всушност ѝ служат на нестабилноста, а не на стабилноста“.
Тој ја нагласи и потребата за воспоставување технички воени договори, особено во врска со правилата за избегнување судири во воздухот и за деескалација, за да се спречи директна конфронтација меѓу актерите во Сирија како што се Израел, САД, Турција и Русија.
Министерот за надворешни работи на Сирија потенцираше и дека Турција ќе продолжи да биде дел од сите конструктивни напори за праведен и траен мир во Украина, додавајќи дека Анкара ќе продолжи да игра активна улога во „реструктурирањето на европската безбедносна архитектура“, во која е неразделен дел.
Фидан изрази уверување дека и ЕУ ќе делува со иста „стратегиска далековидост и визија“.
– Анкара продолжува да гради доверба околу клучни прашања, да ги приближува страните и да ја одржува својата улога како медијатор – изјави Хакан Фидан.