Министерството за здравство од денеска ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Тој на денешната прес-конференција информираше дека одземањето на надлежностите, односно на јавното овластување на Стоматолошката комора се се додека не се воспостави систем преку кој Комората ќе работи законито, транспарентно и професионални.
– Овој чекор не е казна. Ова е почеток на реформата, реформа што ќе врати довербата, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и со вештини усогласени со најновите светски стандарди – појасни Алиу.
Според него, надзорот на документите на Стоматолошката комора покажале сериозни пропусти, односно едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.
– Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти како договори склучени ретроактивно спротивно на закон, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација. Дополнително, игнорирање на привремената мерка и конечноста на одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот – истакна Алиу.
Информираше дека има и сомнеж за финансиска злоупотреба.
– Имаме сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората за кои финансиската полиција истражува, има прибавено обемна документација за која веруваме дека за брзо време ќе има епилог – нагласи Алиу.
Порача дека ова е директен удар врз една од петте столбови на неговата визија за здравството. И додаде дека Комората мора да има кредибилен законски и транспарентен систем за лиценцирање.