Шведската активистка Грета Тунберг тврди дека изралеските власти ги оставиле уапсените активисти од флотата „Сумуд“ изнемоштени и без пристап до вода за пиење и, како што тврди Тунберг, им се заканувале дека ќе има пуштат гас.
– Им кажавме на луѓето од шведскиот конзулат дека немавме пристап до чиста вода бидејќи чешмите беа контаминирани. Се разболевме – истакна Тунберг на прес-конференција во Стокхолм, пренесе Ројтерс.
Притоа, активистката обвини дека израелските чувари ги исмејувале додека им фрлале шишиња со вода пред очите, без да им дозволат пристап до нив.
– Им рековме: нема да си одиме додека не добиеме чиста вода за пиење.
Меѓу приведените активисти, деветмина биле од Шведска, вклучително и Тунберг. Таа по неколку дена била вратена во Шведска. Но, според тврдењата на активистите, психофизичките последици од притворот сè уште се чувствуваат.
– Кога конзуларните службеници си заминуваа по состанокот со нас, им реков: „Кога ќе си заминете, ќе нè претепаат, бидејќи никој нема да гледа“. Шведските службеници сепак си заминаа – рече Тунберг.
Таа опиша сцени во кои луѓе се онесвестувале, а наместо лекарска помош, добивале тортура.
– Побаравме лекар и лекови, а тие ставија 60 луѓе во мали кафези и ни рекоа дека ќе нè убијат со гас – тврди Тунберг.
Активистката е скептична кон реакциите на меѓународната заедница:
– Без разлика што ќе кажеме, нашите влади нема да преземат мерки против Израел.