Министерството за здравство ја информира јавноста дека согласно прогнозите од УХМР и врз основа на акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението 2025–2030 година, почнувајќи од денеска (петок, 4 јули) се активира фаза 3, што ќе трае до 08.07.2025 година.
На предлог на Министерството, Владата ги донесе следните препораки:
- Ослободување од работни обврски за бремени жени и лица постари од 60 години. Оваа препорака не се однесува на вработени во критичната инфраструктура (здравство, полиција, армија, транспорт, енергетика, јавни комунални претпријатија).
- Одложување на работниот процес во критичните часови (11:00–17:00) за работници изложени на директна топлина;
- Работа од далечина, флексибилно или двократно работно време, каде што е изводливо;
- Работодавачите да обезбедат микроклиматски услови за работа согласно акцискиот план: простории со температура до 25°C, освен таму каде што природата на работниот процес налага поинаку;
○ Активирање на планови за вонредни услови, сите здравствени установи, установи за згрижување на стари лица и образовни институции да постапат согласно интерните протоколи за кризна состојба.
„Мерките имаат за цел да обезбедат континуирана и ефикасна заштита на здравјето на населението преку превентивно дејствување и соодветна институционална подготвеност. Министерството за здравство, заедно со сите надлежни институции, ќе продолжи со редовно информирање и спроведување на мерките, со цел заштита на здравјето на граѓаните“, се вели во соопштението.