Името на Ангела Меркел повторно се врати во центарот на европската дипломатија. Во Европската Унија се расправа дали поранешната германска канцеларка може да биде преговарач за Унијата со рускиот лидер Владимир Путин.
Но, на конференција во понеделникот, Меркел изјави дека Путин веројатно многу посериозно би ги сфатил актуелните лидери отколку поранешни функционери.
Нејзината порака дека дека Европа мора да биде дел од идните разговори со Кремљ во врска со војната во Украина и дека не е доволно американскиот претседател да контактира со Москва одекна на континентот.
Информацијата доаѓа откако европските лидери го отфрлија предлогот на Путин посредник меѓу Брисел и Москва да биде поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.
Од друга страна, во „трката“ со Меркел е името на шефот на Европската централна банка, Марио Драги.
Во Москва веќе внимателно се следи дебатата во Европа. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела порача дека Путин е „само на еден телефонски повик“ од европските земји.
Но, Путин поставил и услов.
Според „Фајненшл тајмс“, рускиот лидер рекол дека би разговарал со европски претставник само ако тој претходно не зборувал „секакви лоши работи“ за Русија.
Иако дел од европските влади сметаат дека Меркел има искуство и тежина за ваква улога, нејзиното име и натаму отвора стари рани во Германија и во Источна Европа.
Критичарите потсетуваат дека токму за време на нејзиниот мандат Берлин драматично ја зголеми енергетската зависност од Русија.
Еден пратеник од ЦДУ дури ја нарече идејата Меркел да биде посредник со Путин „бесмислена“.
Во меѓувреме, некои европски дипломати неформално го туркаат името на Марио Драги како потенцијален европски посредник.
Во дипломатските кругови, поранешниот шеф на ЕЦБ се гледа како сигурен партнер, технократ без голем политички багаж и човек што има авторитет и во Вашингтон и во Брисел.
Особено внимание привлече и информацијата дека луѓе блиски до претседателот на Украина Володимир Зеленски преферираат „некој како Драги“ да ја претставува Европа.
Во позадина на целата дебата стои стравот дека Европа може да остане целосно настрана ако САД и Русија сами дојдат до некаков договор за Украина.
Според извори на „Фајненшл тајмс“, администрацијата на Доналд Трамп веќе им порачала на европските партнери дека нема ништо против Брисел паралелно да отвори комуникација со Путин.
Еден од изворите рекол:
– Тие знаат дека ова не функционира.
Изворот алудирал на сегашните мировни напори што засега не носат сериозен напредок.
Дел од европските дипломати веќе се нервозни што имињата на можните посредници јавно кружат низ медиумите.
Тие предупредуваат дека дебатата може дополнително да ги отвори старите поделби во ЕУ околу Русија, Украина и идните односи со Кремљ.
– Ова не е нешто што треба јавно да се дискутира пред да биде договорено – изјавил еден дипломат на ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој ги претставува 27-те лидери на земјите од ЕУ, претходно овој месец изјави дека Унијата се подготвува за „потенцијални“ разговори со Владимир Путин, како што рече, „за да се организираме и да утврдиме што ни е потребно“ за разговор со Русија кога ќе дојде „вистинскиот момент“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
