Министрите за финансии од Г7-земјите и други големи економии се состанаа во Вашингтон за да разговараат за начините за намалување на зависноста од Кина во снабдување со ретки метали, но и за воспоставување нови партнерства за алтернативни извори на руди.
Присутни биле претставници на Јапонија, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Канада и САД, како и официјални лица од Австралија, Мексико, Јужна Кореја и Индија, но сепак, заедничко соопштение по состанокот немаше. Од Министерството за финансии на САД соопштија дека се разговарало за решенија за обезбедување и диверзификација на синџирите на снабдување за критични минерали и се оптимисти дека земјите ќе се стремат кон „разумно намалување на ризикот“ од Кина.
Земјите учеснички на средбата, заедно со ЕУ, сочинуваат 60% од глобалната побарувачка за критични минерали. Но, според Меѓународната агенција за енергетика Кина доминира во синџирот на снабдување, рафинирајќи помеѓу 47% и 87% од бакарот, литиумот, кобалтот, графитот и ретките земни метали. Овие минерали се неопходни за технологиите во одбранбениот сектор, полупроводниците, компонентите за обновлива енергија, батериите, вештачката интелигенција…
– Имаше широк договор за потребата што побрзо да се намали зависноста од Кина за ретки земни метали – изјави по состанокот јапонската министерка за финансии Сацуки Катајама.
– Европа треба сама да се движи побрзо за да развие залихи на важни суровини. Она што ми е многу важно е ние во Европа да не седиме настрана. Ниту жалењето ниту самосожалувањето нема да ни помогнат, мора да бидеме поактивни – истакна германскиот министер за финансии Ларс Клингбајл.
За да се ублажат предизвиците кои следуваат, ЕУ, 25 години по почетокот на преговорите, го постигна договорот за слободна трговија со јужноамериканските земји. Договорот со трговскиот блок Меркосур – кој ги вклучува Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај – ќе бара одобрение од Европскиот парламент во следните неколку месеци. Европската комисија соопшти дека договорот ќе помогне во борбата против климатските промени, но и за обезбедување „сигурен“ проток на минерални суровини, кои се клучни за глобалната зелена транзиција. Јужноамериканските земји постојано се фалат со наоѓалишта на злато, бакар и некои од критичните минерали потребни за технологијата за обновливи извори и батерии.
Во меѓувреме, претставници на компании од рударската индустрија апелираат Брисел да го забрза спроведувањето на директивите за критичните минерални суровини, со кои се предвидува поефикасно издавање дозволи за ископ.
– Европските политичари ја разбраа важноста на диверзификацијата на изворите, но сегашните напори се премногу бавни и тие не се фокусираа доволно на промовирање на преработувањето – смета Лук Пез кој е главен директор во „Виридијан литиум“.
Забрзување на процедурите беше најавено и во Велика Британија. Во ноември, Лондон ја ажурираше својата национална стратегија за критични минерали за да ги намали административните бариери за издавање на дозволи, но и да ја забрза диверзификацијата на снабдувањето. Дополнително, стратегијата беше поддржана со нови 50 милиони фунти и има за цел до 2035 година Велика Британија да не ја снабдува една земја со повеќе од 60% на одредена руда. Оваа стратегија британскиот премиер Кир Стармер ја оцени стратегијата за критичните минерали како столб на современиот живот и на националната безбедност.
– Нашата стратегија за критични минерали ќе ни овозможи и соработка со ЕУ додека се стремиме да изградиме побезбедни и поотпорни синџири на снабдување – изјави за Ројтерс Петер Кајл, портпаролот на Министерството за бизнис и трговија на Велика Британија.
Како што соопштија британските власти, нивната побарувачка за основни материјали нагло расте, при што се предвидува потрошувачката на бакар да се зголеми речиси двојно, а побарувачката за литиум да се зголеми за 1.100% до 2035 година.
Додека во светот се води битка за литиум, бакар, кобалт, никел и други минерали, во повеќе земји од регионот веќе се најавени нови инвестиции во рударството. Големи ископи на руда се очекуваат во Турција, Романија, Грција, Бугарија и Србија. Во Македонија пак, рударството изминативе години се помалку учествува во индексот на индустриското производство и нови рудници одамна не се отворени иако земјата лежи на бакар, никел, како и антимон.
Последно, за македонските руди интерес имале токму британски компании. Во Лондон, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска ги информирала нивните претставници дека Владата е посветена на тоа Македонија да биде партнер на сериозни и одговорни компании, кои работат според европски стандарди.
Инаку, освен Британија, неодамна и од Брисел истакнаа дека темата за рударството ќе биде поставена на маса, бидејќи како што соопштија од Европската комисија, „ЕУ работи на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
